Производителите на автомобили Nissan и Renault се подготвени да откријат детали за промените во нивното партнерство. Компаниите ќе дадат одговори и на прашања во врска со производството на електричните возила на Renault и продажбата на мнозинскиот пакет акции во јапонскиот производител.
Двете компании минатиот месец објавија големи промени во нивниот дводецениски сојуз, со што јапонската компанија ќе инвестира во Ampere, новата единица за електрични возила на Renault. Соопштението доаѓа по речиси четири месеци интензивни преговори кои беа комплицирани од загриженоста за споделување на интелектуална сопственост бидејќи француската компанија соработува со производители надвор од нивната алијанса, пишува Ројтерс.
Според новиот договор, Renault потенцијално ќе го намали својот удел во Nissan од околу 43 на 15 проценти. Околу 28 отсто од акциите во јапонската компанија Renault ќе и бидат предадени на француската труст компанија, со што овие две компании ќе станат порамноправни партнери.
„Воопшто не се зборува што ќе биде со акциите во труст компанијата. Изгледа дека сите тие ја избегнуваат можноста да бидат откупени од Nissan, што мислам дека ќе биде најдобрата опција за сите вклучени страни“, вели аналитичарот на CLSA, Кристофер Ришер.
Ришер, исто така, изјави дека на Renault не се гледа како на „силна“ марка, така што собирањето средства за Ampere би можело да биде тешко за францускиот производител на автомобили.
Нееднаквото партнерство на двете компании долго време е извор на несогласувања меѓу раководителите на Nissan.
Иако Renault го спаси Nissan пред две децении, сепак има помала продажба. Во сојузот, во кој е вклучен и Mitsubishi Motors, сè уште има тензии кои настанаа по отпуштањето на Карлос Гон, благодарение на кого беше создаден.