Пашинјан: Азербејџан сака да ја вовлече Ерменија во воени операции

од Radmila Tasevska
611 прегледи

Воспоставувањето на прекин на огнот во Нагорно Карабах не значи дека Азербејџан повеќе не сака да ја вклучува Ерменија во воени операции, предупреди денеска ерменскиот премиер Никол Пашинјан.

Тој оцени дека една од целите на азербејџанскиот напад во Нагорно Карабах е да се вклучи Ерменија во воени операции, но и да се создаде хаос во Ерменија.

-Фактот што е воспоставен прекин на огнот во Нагорно-Карабах не значи дека ова прашање повеќе не е на дневен ред на оние кои го ставија на дневен ред, рече Пашинјан, пренесе Арменпрес.

Премиерот нагласи дека Ерменија не била вклучена и не учествувала во преговорите за условите за прекин на огнот.

-Бевме свесни дека се одвива таков процес, но немавме учество. Јас, исто така, ја изразив мојата конфузија со овој процес и спомнувањето на повлекувањето на единиците на вооружените сили на Ерменија од Нагорно-Карабах, иако постојано сме кажале дека Ерменија нема војска во Нагорно-Карабах, посочи Пашинјан.

Според него, единиците на одбранбената армија на Нагорно Карабах се распоредени на истите позиции каде што биле стационирани во моментот на стапување на сила на прекинот на огнот.

-Според информациите што ги имаме во моментов, единиците на армијата се уште се на истите локации каде што беа позиционирани во моментот на прекинот на огнот. Истото важи и за азербејџанската армија, рече Пашинјан.

Слични содржини