Премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан, издаде наредба до војската да не учествува во политички процеси, да се потчини на народот и на владата избрана од народот.
„Многу генерали и офицери потпишаа изјава по наредба на нивните непосредни претпоставени. Сепак, секој што е против народот и неговите легитимни власти ќе биде против државата“, рече Пашинјан обраќајќи им се на своите приврзаници пред зградата на Владата.
„Мојата наредба до сите војници, офицери, генерали: завршете си ја работата – чувајте ја границата и територијалниот интегритет на Ерменија. Тоа е моја наредба и никој не може да премине преку неа“, додаде тој.
Според него, Владата на Ерменија не штедела сили и средства за зајакнување на армијата. Тој потсети дека Владата ги зголеми платите на редовните војници и офицери.
„Нема да кријам дека владата, која се збогатува многу години на сметка на армијата, сè уште има свое влијание врз вооружените сили“, додаде Пашинјан.
Тој вети дека нема да дозволи да дојде до воен удар.
„Јас бев избран од народот и само тие можат да го решат прашањето за моја оставка“, рече премиерот.
Тој предложи одржување предвремени парламентарни избори и повика на консултации за ова прашање.
Премиерот ги повика сите политички сили да престанат со сите активности на непокор. Тој се закани со апсења за несоодветни активности.
Претходно се појавија гласини дека Пашинјан издал налог за апсење на непослушните генерали.
Да потсетиме, Генералштабот на вооружените сили на Ерменија побара оставка од премиерот Никол Пашинјан. Тој го нарече тоа обид за воен удар, го смени началникот на Генералштабот и го покани народот на митинг.