Патниците на летови до Турција ќе бидат казнети ако станат пред да се изгаси знакот за појас

од Марта Пешевска
24 прегледи

Патниците кои патуваат со авион кон Турција отсега ќе мора да бидат повнимателни по слетувањето, бидејќи ќе се соочат со парични казни доколку станат од своите седишта пред да се изгаси знакот за врзан појас. Ова ново правило го воведе турската Служба за цивилно воздухопловство, откако добила бројни жалби од патници за небезбедно однесување во авионот. Според извештаите, правилото е веќе стапено на сила од почетокот на месецов, а казната за прекршување ќе изнесува околу 60 евра.

Властите посочуваат дека се бележи „сериозно зголемување“ на вакви инциденти – најчесто патници кои веднаш по слетувањето стануваат, ги откопчуваат појасите или почнуваат да го вадат багажот од надземните кутии, иако авионот сѐ уште не застанал целосно. Ова не само што го нарушува редот, туку претставува и ризик за безбедноста на сите во леталото. Според новите правила, авионските компании се обврзани да ги информираат патниците за овие прописи уште за време на летот, и да го пријавуваат секое непочитување до надлежната агенција.

На патниците мора јасно да им се каже да останат на своите седишта, со врзани појаси, и да не го вадат багажот сѐ додека не се изгаси светлосниот знак за појас. Националниот авиопревозник „Туркиш ерлајнс“ веќе го ажурираше своето известување за слетување, потврди „Еуроњуз“. Со оглед на тоа што Турција годишно ја посетуваат десетици милиони туристи, властите се надеваат дека оваа мерка ќе придонесе кон поголема безбедност и ред во авионите.