Десетици луѓе останаа заробени во тунелот под Ла Манш со часови откако се расипа воз што сообраќал од Кале, Франција до Фокстон, Велика Британија, јавува Би-Би-Си.
Се појавија снимки на кои се гледаат патниците од возот, кои биле евакуирани во делот за итни случаи, како шетаат низ тунелот меѓу Велика Британија и Франција.
Светлата се изгаснале, клима уредите престанале да работат, температурата се искачила на повеќе од 30 степени, а патниците не знаеле што ќе им се случи цели шест часа.
Тие на крајот биле ставени во заменски воз и однесени на терминалот Фокстон во Кент.
Компанијата најпрвин на Твитер објави дека возот се расипал, а подоцна во изјава за Би-Би-Си дека не бил расипан, но навела дека биле активирани алармите во него, што барало да се истражи причината и да се евакуираат патниците.
Овој тунел го има најдолгиот подводен дел во светот, јави Би-Би-Си.