Патувањето во вселената води до измени на формата на мозокот. Ова го покажува неодамнешна студија на американските научници, цитирана од научниот сајт “Инверс”.
Според податоците мозокот на астронаути се променува за да може да се адаптира кон недостатокот на гравитација. Користејќи магнетна резонанца на астронаути пред и по летот во вселената, научниците утврдиле дека сивата материја се зголемува во некои области и се намалува во други.
За време на летот мозокот се менува, а во што точно се изразува промената зависи од тоа колку долго астронаутите се надвор од Земјата. Причината за ова е дека промените во гравитацијата влијаат на церебралната течност во мозокот, посочува Рејчел Сајдлер, професор по кинезиологија и психологија на Универзитетот во Мичиген.
“Кога човек е на Земјата, може да замислите како гравитацијата ги влече надолу течностите во телото, но во вселената нема гравитација, која го прави тоа, па течностите се насочуваат кон главата”, вели таа.
Според неа тоа доведува и до менување на точното место на мозокот во черепот. Колку повеќе време поминува во вселената даден астронаут, толку повеќе промени се случуваат во неговиот мозок. Според Сајдлер сивата материја се зголемува во деловите на мозокот кои го контролираат движењето на нозете, бидејќи тој се прилагодува на новиот начин на движење на телото во отсуство на гравитација.
Оваа промена на мозокот да се реорганизира и да создава нови нервни врски, како и да се адаптира, се нарекува невропластичен ефект. На овој начин луѓето, испратени во вселената, успеваат полесно да научат нови начини за придвижување. Во претходните студии Сајдлер утврдила дека долгиот лет во вселената се одразува и на внатрешното уво на астронаутите, што дополнително ја влошува нивната способност да се задржи рамнотежа. Тоа е и една од причините на повратниците астронаути да им е тешко првично да одат и стојат исправени на Земјата.