По долгогодишно доцнење, онлајн системот ETIAS за издавање дозволи за патување се очекува конечно да започне со работа во пролетта 2025 година, додека системот EES, кој ќе има за цел целосно да ги дигитализира граничните премини, ќе започне со работа есента 2024 година.
Од 2016 година, Европската унија работи на Европскиот систем за информации и овластување за патување (ETIAS) во обид да ја подобри безбедноста на Стариот континент со тоа што постојано знае кој доаѓа во ЕУ, пренесува Schengen News.
Над 1,4 милијарди луѓе од повеќе од 60 различни земји во светот кои моментално ги исполнуваат условите за влез во 30-те земји на ЕУ/Шенген зоната без да добијат краткорочна виза, во иднина ќе мора да аплицираат за онлајн овластување за патување пред секое патување во една од земјите членки токму преку системот ETIAS.
Дозволата за патување ќе се добие со најавување на веб-страницата или преку истоимената апликација ETIAS. Од патниците ќе биде побарано да достават скенирана копија од својот пасош, фотографија и да одговорат на неколку едноставни прашања.
Одобрувањето на ETIAS ќе чини седум евра и ќе биде еднократна такса. Ќе важи три години и за повеќекратни пријави.
Апликантите под 18 и над 70 години ќе бидат ослободени од оваа такса. Патниците кои не можат да се регистрираат – дали поради возраст, ниво на писменост или пристап до информатички технологии и слично, ќе можат да ја поднесат својата апликација преку трето лице.
Патем, земји како САД, Нов Зеланд, Канада веќе имаат слични системи. Обединетото Кралство, исто така, работи на сопствен електронски систем за овластување за патување откако ја напушти ЕУ.