Чeшкиот претседател Петр Павел изјави дека нарушувањето на воздушниот простор на земјите-членки на НАТО од страна на Русија значително ги зголемува тензиите во Европа. Тој порача дека алијансата мора соодветно да одговори, притоа не исклучувајќи ја можноста за соборување на руски авиони.
-Попуштањето не е опција. Русија ќе се однесува онака како што ќе ѝ дозволат НАТО сојузниците. НАТО мора соодветно да одговори, вклучувајќи и воен одговор. Русија многу брзо ќе сфати дека направила грешка и ги преминала прифатливите граници. За жал, ова е балансирање на работ на конфликт, но попуштањето пред злото едноставно не е можно, нагласи Павел во изјава за Чешката телевизија.
Тој вели дека соборувањето авиони е легитимен одбранбен механизам. Како што потенцира, нарушувањето на воздушниот простор е причина за активирање на одбранбените механизми, а со тоа и соборување на таков авион.
-И никој, ниту од наша страна ниту од руска страна, не би го сакал тоа, вели чешкиот претседател.