Павловска-Данева: Граѓаните се радуваат на решителноста на САД во борбата против корупцијата, иако е поразителен факт за земјава

од Nikola Popovski
712 прегледи

Мислам дека амбасадорката на САД без никакво оддложување почна да ги спроведува заложбите од својата изјава пред Сенатот на САД, а тие првенствено се однесуваат на спречување на корупцијата во земјава, вели во разговор за „Локално“, професорката од Правниот факултет Ана Павловска-Данева за пристигнувањето на американски тим за санкции кој ќе истражува корупција кај сегашни и поранешни функционери.

Павловска-Данева оценува дека македонските граѓани се радуваат на решителноста на САД да земат учество во овој процес, но во суштина тоа зборува за еден поразителен факт кој ни најмалку не е радосен.

-Нашите институции се тотално неспособни и некадарни сами да се справат со корупцијата, првенствено онаа високата, политичката корупција. Разбирливо е САД да сакаат да ги оправдаат парите на своите даночни обврзници безуспешно вложени за јакнење на прнципот на владеење на правото во Македонија, порачува професорката.

Таа смета дека „Вашингтон конечно заклучил дека таков капацитет и политичка волја не постојат кај владеачките “елити”, па донеле одлука непосредно да преземат мерки“.

-Како тоа конкретно ќе се изведе, јас не знам, но сметам дека најверојатно ќе се дополни т.н црна листа на САД со нови имиња. Тоа пак, од своја страна, зборува дека сигурно не станува збор за шалтерски работници, учителки и доктори, како што се обидуваат одредени политичари да ги симплифицираат работите, туку за лица кои вршат или вршеле значајни државни функции, посочува Павловска-Данева.

Што се однесува до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), впечатокот на професорката е дека нивните активности се сведени на активностите на истеажувачкото новинарство.

-Добиваат претставка (вест), отвораат постапка (пишуваат сторија), го затвораат предметот и држат прес конференција (ја објавуваат сторијата). Тоа не е целта на постоењето на ДКСК, децидна е Павловска-Данева.

Во последниот период се погласни се критиките на меѓународната заедница за борбата против корупцијата во Македонија. Американската амбасадорка Анџела Агелер најави дека Вашингтон испраќа тим во земјава за поагресивен поглед на корумпираните луѓе во власта, како сегашни, така и поранешни.

На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги и обвиненија за да се покаже дека никој не е над законот“, порача Агелер на Твитер.

Германската амбасадорка Анке Холштајн истакна дека напредокот на Северна Македонија на патот кон Европската унија (ЕУ) во голема мера ќе зависи од успешното сузбивање на корупцијата.

Денеска низ светот се одбележува Меѓународниот ден за борба против корупцијата, 9-ти декември.

Н.П.

Слични содржини