За професорката Ана Павловска-Данева најавата на премиерот за намалување на бројот на советници е пријатно изненадување и позитивна мерка која треба да се поздрави.
„Со намалување на бројот на хонорари се прават заштеди“, вели Павловска Данева во интервју за „Локално“ .
Коментирајќи ја дилемата дали подеднакво важен мотив за ваквиот чекор бил и идејата за компактен и постручен тим таа одговара:„Кога ќе се присетам кој се беше советник на премиерот откако се дозволи оваа можност со Законот за вработени во јавниот сектор од 2011 година па наваму, срам ме фаќа“.забележува Данева.
Сепак, ова според неа е само еден минорен дел од вкупниот процес на намалување на бројот на јавни органи кои постојат во нашава држава (повеќе од 1.200 институции), чии надлежности се дуплираат, преклопуваат и кои претставуваат огромно бреме и за системот и организацијата на државните органи, но и за нашиот буџет.
Како ја оценувате најавата на премиерот Ковачевски за намалување на бројот на советници? На овој начин, како што рече тој, неговиот кабинет ќе биде помалкуброен од сите негови претходници?
-Искрено го поздравувам и поддржувам ваквиот чекор на извршната власт. Беше крајно време. Во рамките на Петтиот евалуационен круг на ГРЕКО добивме препораки дека посебните советници во Канцеларијата на Претседателот на Владата (како и советниците на сите останати функционери, се разбира) треба да поминат тест за интегритет и да пополнат изјави за судир на интереси. Исто така, постои препорака на ГРЕКО нивните имиња, куси биографии и износот на нивните хонорарни или постојани примања јавно да се објават на веб страницата на Владата. Пријатно сум изненадена од оваа мерка, но се разбира ова е само еден минорен дел од вкупниот процес на намалување на администрацијата кој е неопходен за државата. Тука пред се, го имам предвид намалувањето на бројот на јавни органи кои постојат во нашава држава (повеќе од 1200 институции), чии надлежности се дуплираат, преклопуваат и кои претставуваат огромно бреме и за системот и организацијата на државните органи, но и за нашиот буџет.
Нашата катедра по Административно право на Правниот факултет има направено бројни истражувања на оваа тема и ние сме подготвени доколку од нас биде побарано, да му доставиме на Премиерот листа на јавни органи кои може и треба веднаш да се укинат или пак да се фузионираат со цел рационализација на јавната администрација, при што бројни непотребно постоечки функции ќе згаснат, а службеничкиот кадар ќе се распореди во органите кои имаат потреба од државни службеници. Значи, ќе имаме помалку носители на функции, нивни возачи и слично, а целисходно употребен професионален кадар во управните органи каде таков моментно недостига. Во исто вереме, ќе имаме и јасни и прецизни надлежности на секој орган одделно. И сето тоа, во корист на граѓаните и буџетот на државата. Се се може, доколку се сака.
Каде ги гледате мотивите за ваквиот чекор? Во остварување заштеди или во идејата за компактен и постручен тим?
–Верувам дека премиерот ги имал предвид и двата навеведени аспекти. Прво, со намалување на бројот на хонорари се прават заштеди (иако реално, незначителни во вкупната сума на расходи на администрацијата, но сепак неопходни), а второ, кога ќе се присетам кој се беше советник на Премиерот откако се дозволи оваа можност со Законот за вработени во јавниот сектор од 2011 година па наваму, срам ме фаќа.
Ковачевски најави нов тим на советници, составен од лица со над 20 години професионално искуство. Дали е ова знак за радикална промена во однос на некои претходни случаи на советници без какво било работно искуство?
-Дали е радикална промена, ќе видиме откако прво ќе ги слушнеме имињата, ќр ги видиме биографиите и најважно од се, ќе ги почуствуваме придобивките од нивниот ангажман. Самото намалување на нивниот број е добар почеток.
Најавени се двајца советници од Германија. Колку овие странски искуства ни се навистина од полза, ако имаме предвид дека сите досегашни премиери имаа ангажирано по неколку?
-Фактот дека се странци (или наши граѓани вработени во странство), само по себе, не значи ништо. Многу е поважно какво професионално искуство имаат, какви се нивните компетенции и се разбира нивната чесност и вистинска воља да и помогнат на Владата во управување со државата. Потребно е тие да бидат транспарентни во својата работа, нивните мислења да бидат образложени и аргументирани и се разбира стручни, не политикантски и не популистички. Но, да бидеме реални. Сите дваесет можат да бидат најдобрите стручњаци во светот, нема да имаме никаков бенефит од нив доколку нивните совети никој не ги послуша.
К.В.С.