Професорката Ана Павловска- Данева нема дилема дека првичното позитивно чувство од најавата за намалување на бројот на членови во управните и надзорните одбори е без реална основа. Деталното и внимателно исчитување на предвидените измени на Законот за јавни претпријатија според неа покажуваат дека единствено ќе се намали бројот на членовите на управните одбори на јавните претпријатија основани од државата и можеби на оние основани од единиците на локалната самопуправа.
„Големите хонорари, а малиот или речиси никаков придонес се концентрирани во регулаторите.Тие имаат управни и надзорни одбори составени од анонимуси кои реално со ништо не придонесуваат во работата на субјектот со којшто „управуваат“, а сепак на нивните хонорарни примања се одливаат огромни суми пари“, вели за „Локално“ Павловска-Данева.
Во низата комисии и совети кои според неа ништо не работат, а имааат надлежности кои се поклопуваат со други органи го издвојува Инспекцискиот состав.
„Тој троши многу повеќе државни пари од било кој управен орган на било кое јавно претпријати“, посочува професорката.
Оттука, за вистинско надминување на проблемот, таа ја посочува потребата од системски закон со кој ќе се решат на општ, воедначен начин сите прашања поврзани со бројот на членовите на управните и надзорните одбори во сите јавни органи, лимитот на примања, како и критериумите за нивен избор.
Според објавената програма на Владата за 2021 год. се планираат измени на Законот за ЈП како и намалување на бројот на членови во УО и НО.Сметате ли дека доколку се реализира најавеното, ќе се стави крај на праксата да се зема плата од едно место и хонорар од членување во некој Управен или Надзорен Одбор?
– Измените на Законот за јавни претпријатија можат да доведат до минорна промена на нашата општествена реалност. Имено, со најавените измени ќе се намали бројот на членови на управните одбори на јавните претпријатија основани од државата и можеби на оние основани од единиците на локалната самоуправа. Но, ние имаме бројни други државни органи (регулаторни тела, агенции и сл.) кои исто така имаат управни одбори. Тие не само што се прекубројни, туку се и едноставно непотребни,не ја оправдуваат целта на своето постоење. Овој проблем, не се решава со измени на Законот за јавните претпријатија!
Нам ни е потребен еден системски закон со кој ќе се решат на општ, воедначен начин сите прашања за бројот на членови на управни и надзорни одбори во сите јавни органи, лимитот на примањата на нивните членови, критериумите за нивен избор, но и критериумите за избор на директори, вршители на должност, членови на совети, комисии итн.
Дали ќе се реши прашањето за примање на плата и хонорар во исто време? Не! Членството во управен одбор е дополнителна дејност која треба да биде дополнително наградена, но се разбира наградата треба да е соодветна, пропорционална на трудот. Симболичните учества во управните органи, со присуство на седници еднаш месечно (или поретко), треба да бидат симболично вреднувани и во исплатите.
Дали треба да се интервенира и во Одборите на локално ниво?
– Секако. Таму се најголемите дискрециони права на локалните органи. Но, како што погоре кажав, не се проблем само јавните претпријатија во државава. Големите хонорари, а малиот или речиси никаков придонес се концентрирани во регулаторите. Тие имаат управни и надзорни одбори составени од анонимуси кои реално со ништо не придонесуваат во работата на субјектот со којшто „управуваат“, а сепак на нивните хонорарни примања се одливаат огромни суми пари. Имаме разно-разни совети, комисии и слични колегијални органи кои не треба да постојат, кои трошат буџетски пари, а не покажуваат резултати, чии надлежности се преклопуваат со други постојни органи и општеството од нив нема бенефит никаков, освен што се вдомени партиски луѓе кои немаат сериозна професија. Земете го за пример, Инспекцискиот совет! Владин орган, измислен само во нашава држава, никакви конкретни надлежности нема, без него државата може еднакво да функционира како и со него, имаат мандат, имаат високи плати неговите членови, инспекторатите и инспекциските служби, како и граѓаните немаат никаков бенефит од неговото постоење, но ете, сепак постои. Тој троши многу повеќе државни пари од било кој управен орган на било кое јавно претпријатие. Затоа, не се доволни само измените на Законот за јавни претпријатија.
Колку ќе биде тешко да се намали бројот на членови на три до пет, ако се знае дека има Одбори и со по 15 членови?Какви треба да бидат критериумите?
– Не е тешко да се намали бројот, воопшто. Се внесува законска одредба за максималниот број на членови во управните одбори, и толку! Критериумите треба да бидат задолжителни за сите: соодветно високо образование и работно искуство во струката. Без исклучок.
Каде можат да се појават проблеми во текот на реализацијата?
– Во класичното непочитување на законот, колку и да биде тој добар. И досега властите ако сакаа можеа да поставуваат соодветни луѓе во управните одбори на јавните претпријатија, па гледаме дека тоа не се прави. Управните одбори претставуваат удобни прибежишта за заслужниот партиски кадар или пак, за блиските роднини на влијателните политичари на власт.
Зошто вакви измени се прават дури сега?
– Не е важно кога се подготвува, туку како се подготвува. Мене овој вториов дел повеќе ме загрижува. А, особено ме загрижува колку навистина се сака да се сменат состојбите со тие законски измени или колку законот ќе биде почитуван. Ако во него нема одговорност и санкции за оние кои ги избираат односно именуваат членовите по управните одбори (спротивно на законот), тогаш подобро да ги немаме таквите декларативни законски одредби.
Можно ли е владината намера да предизвика меѓупартиски искричења?
– Претпоставувам тоа ќе се прави во договор со коалиционите партнери. На конкурсите, по правило ќе треба да бидат избрани најдобрите. Во блиска иднина, за жал, не очекувам ова да се случи.
Дали и колку заштеди ќе донесе кратењето на членовите во Одборите?
– Не знам. Владата кога ќе ги предложи законските измени, кон нив ќе мора во Собранието да ги приложи и финансиски импликации. Верувам таква анализа е направена пред да се изготви законот.
К.В.С.