Павловска – Данева: Се додека не се направи ветинг, деполитизација на администрацијата нема да има

од Vladimir Zorba
376 прегледи

Се додека постојните акти за систематизација не се прочистат, се додека не се направи ветинг во целата државна администрација, се додека партиите на своите партиски состаноци му ветуваат на членството вработување како награда за нивната партиска активност, деполитизација на администрацијата нема да има, вели во разговор за „Локално“ професорката, Ана Павловска – Данева.

Ниту еден политички субјект на актуелната македонска политичка сцена, според неа, не дава надеж или аргументи да веруваме дека тоа ќе се случи во блиска иднина.

Не гледа никакво „туркање“ на мерит системот, за кој се залага актуелната Владат, при вработување и напредување на државните службеници.

– Ниту е некој постоечки закон изменет во таа насока, ниту се законски измени предложени, ниту пак во пракса е нешто сменето, истакнува професорката.

Бројни се случаите, додава таа, во кои лица со потполно несоодветно образование фигурираат како државни службеници и реално, ништо не работат во органот во кој што се вработени и никој ништо не презема околу тоа.

Новиот словенечки премиер избира соработници по посебен метод: Сите мора да го положат тестот на Галуп, кој предвидува анализа на вредностите, која ги поттикнува позитивните аспекти на поединецот и избегнува потенцијални конфликти во групата. Како гледате на оваа идеја за избор на службеници, иако таа не е непозната за поранешната југословенска република?

-Изборот на свои соработници во кабинетот, не претставува избор на државни службеници во „класична администрација“. Со други зборови, за влез во државната администрација во секоја држава постојат строго пропишани законски правила, од кои не смее да има отстапувања. Значи, не може да се бара ништо помалку и ништо повеќе од она што е со закон утврдено како критериуми кои треба да се исполнат за да се вработи едно лице во државната администрација. Но, затоа пак, премиерите најчесто во секоја држава (често и министрите) имаат право да ангажираат свои кабинетски соработници или советници. Тие доаѓаат во кабинетот заедно со функционерот и со него заминуваат.

Во конкретниов случај, новиот Словенечки премиер одлучил наместо изборот на своите најблиски соработници да го направи само врз основа на партиски или политички заслуги, да изврши проверка и на нивниот интегритет, вредносен систем, на нивниот начин на однесување на работа, отвореност за тимска работа, подготвеност да избегнат конфликти и сл. Се разбира, овој менаџерски пристап е позитивен и треба да се поздрави. Верувам, идејата е да ги избере најдобрите и најспособните кадри во својот кабинет, бидејќи, од нивната способност и кадарност, ќе зависи и успешноста на работата на самиот Премиер.

Треба ли според вас, кај нас да се преземе сличен пристап со цел да се исчиси од некадарните преоптоварената администрација?

-Во Македонија, за целата државна администрација овој пристап не е возможен, бидејќи такво тестирање не е предвидено како услов за влез во државна служба од страна на Законот за административните службеници. Но, нашите Премиери, па и министри имаат огромен број свои кабинетски службеници, тоа се еден вид нивни советници за различни области. Тие имаат потполно дискреционо право при нивниот избор односно именување, така што, би било навистина многу опортуно, кога секој од нив би се одлучил да примени ваков вид тестирање при ангажирањето на своите советници. Тоа првенствено ќе им биде од помош на самите политичари, а посредно ќе се одрази и на квалитетот на нивната работа. Во крајна линија, таквиот ефект би требало да го почуствуваат и граѓаните како конзументи на услугите што државните органи им ги пружаат.

Ќе донесе ли, според вас, мерит системот, или вработување и напредување во службата исклучиво според системот на заслуги, кој се обидува да го „истурка“ оваа Влада, некакво подобрување на состојбите?

-Жал ми е што морам да констатирам дека јас немам забележано никакво „туркање“ на мерит систем при вработување и напредување на државните службеници. Ниту е некој постоечки закон изменет во таа насока, ниту се законски измени предложени, ниту пак во пракса е нешто сменето. Се уште се склучуваат бројни договори за дело во администрацијата, наместо да се распишат јавни огласи за вработување, се уште има голем број на непополнети раководни позиции во јавните органи и локалната самоуправа и се уште актите за систематизација на јавните органи се нерални, „напумпани“ и се менуваат ад хок, по потреба, за конкретни вработувања на конкретни лица. Бројни се случаите во кои лица со потполно несоодветно образование фигурираат како државни службеници и реално, ништо не работат во органот во кој што се вработени и никој ништо не презема околу тоа.

Проф. Ана Павловска-Данева

Проф. Ана Павловска-Данева

МИОА веќе некое време најавува дигитализација на институциите со цел да се намали товарот на буџетот. Колку сепак ова им одговара на партиите, со оглед на тоа дека ќе треба да се решат од „ухлебените“ партиски војници? Корупцијата исто така треба да биде водилка за што побрзо нејзино спроведување…

-Дигитализација на давањето услуги е неопходна за секој од нас. За граѓаните – заради побрзо и поефикасно стекнување со услуги; за службениците – заради намалување на некои рутинизираи активности во процесот на работатата кои непотребно ги оптеретуваат службениците, им го губат времето и им отвораат можности за злоупотреби; за власта – поголемо задоволство на граѓаните, поголема доверба во институциите. Дигитализацијата на администрацијата е уште во форма на зародиш. А, не мора далеку да бараме примери за успешна дигитализација на јавниот сектор.

Соседна Србија е веќе сериозен пример кој би можеле да го следиме. Притоа во оваа сфера, Србија веќе неколку години ги користи консултантските услуги на мекедонски кадар. Значи, ние имаме кадровски капацитети, треба само некој да знае и да сака да ги искористи. За некои работи, дури и не е потребно експертско знаење, туку исклучиво цврста политичка воља. Така, во Управата за водење матични книги, целиот процес на барање, подготовка и изработка на уверенијата за граѓаните се одвива електронски. Се до самото финале – подигнување на документот, чекор кој за жал граѓаните мораат да го сторат физички на шалтер. Е, тука се создава „тесното грло“, токму во овој (недигитализиран) последен чекор, луѓето се изложени на корупција, фаворизација, па дури и партизација за побрзо добивање на документот, побрзо стигнување на шалтер и побрзо исправање на сторените грешки во уверенијата кои често и не се случајни. Со години се зборува за овој проблем, но еве, никој како да не сака да го реши, иако не е нерешлив.

Еве втор драстичен пример: ДКСК мора согласно законот да прима електронски изјави за имотната состојба на функционерите. Но, таа тоа упорно не го прави, ги приморува да доставуваат изјави во хартиена форма и дискреционо избира за кого ќе поведе, а за кого нема да води постапка за имотната состојба. Било која ИТ фирма во земјава, може да им го направи софтверот за помалку од еден месец. Но, очигледно дури и телото кое е задолжено за спречување на корупцијата, не сака да се дигитализира и да придонесе на тој начин кон побрза и поефикасна превенција од корупција.

Ќе видиме ли во блиска иднина „независна администрација надвор од рацете на политиката“, како што вели новиот министер Алити? До кога ќе се чека за „деполитизација на администрацијата“?

-Се додека постојните акти за систематизација не се прочистат, се додека не се направи ветинг во целата државна администрација, се додека партиите на своите партиски состаноци му ветуваат на членството вработување како награда за нивната партиска активност, деполитизација на администрацијата нема да има. Накратко, ниту еден политички субјект на актуелната македонска политичка сцена, не дава надеж или аргументи да веруваме дека тоа ќе се случи во блиска иднина.

Б.М.

Слични содржини