Професорката Ана Павловска – Данева не штеди зборови на критика во однос на одлуката на Владата да одобри вршење на високообразовна дејност на Великотрновскиот универзитет „Св.Св.Кирил и Методиј на територијата на Македонија.
„Зад ваквата одлука постојат некои мотиви кои не би можеле да ги наречеме потреба на граѓаните на Република Северна Македонија, туку повеќе претставуваат вулгарни политички причини на актуелната Влада“, изјави таа за „Локално“.
Одговорност препознава и во Министерството за образование кое иако е должно да ја утврди оправданоста на барањето за отворањето на овој Универзитет, односно да изготви анализи и да ја утврди фактичката состојба, тоа не е сторено.
Како дилема го отвора и прашањето зошто се носи токму оваа високо образовна институција, иако УКИМ со години наназад има научна и професионална соработка со поафирмирани и повисоко рангирани универзитети во светот.
„Доколку, државата сака да го збогати својот високообразовен систем со вклучување на светски познати и афирмирани универзитети, ќе се согласите, тоа никако не може да биде Универзитетот од Велико Трново“, вели Павловска Данева.
Подеднакво проблематични за неа се и прашањата во врска со фактот дека бугарскиот универзитет има ист назив како нашиот најстар и најреномиран универзитет „Свети Кирил и Методиј“.
Вашиот пост на Фејсбук профилот во однос на отворањето на Великотрновскиот универзитет од Република Бугарија во Македонија беше споделен од страна на неколку медиуми.Кому ја упативте честитката?
-Мојот пост содржи коментар на објавена вест од еден портал кој и честита на Бугарија отворање на нејзин универзитет во нашата држава. Честитката е ирoнична, како што е ироничен и мојот коментар на веста дека со Универзитетот од Велико Трново конечно македонската наука и високо образование ќе бележат напредок. Имено, не сум сигурна дека во државава постои реална потреба од нови универзитети, на таква одлука на Владата треба да претходат сеопфатни анализи од МОН кои би ја потврдиле евентуалната неопходност од нови високообразовни институции во Македонија. А, такви нема, за жал. Мојата следна забелешка на Владината одлука е повторно во поглед на нејзината целисходност и оправданост. Доколку, државата сака да го збогати својот високообразовен ситстем со вклучување на светски познати и афирмирани универзитети, ќе се согласите, тоа никако не може да биде Универзитетот од Велико Трново.
Нашите, македонски јавни универзитети сите до еден, како и единиците во рамки на универзитетите (факултетите) имаат бројни релации и меморандуми за соработка со многу поафирмирани и повисоко рангирани универзитети и факултети во светот. Еве само еден пример: речиси дваесет години Правниот факултет „Јустинијан Први”, а нешто помалку и целиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј” имаат длабока и научна и образовна соработка со Московскиот Државен Универзитет „В.И.Ломоносов”. Зошто Владата не направи барем напор да го донесе „Ломоносов” во државава, наспроти Велико Трново? Да не зборуваме за универзитетите од западна Европа и САД со кои исто така македонските универзитети тесно и плодно соработуваат. На крајот, постои и проблемот од формално правен аспект во врска со називот на бугарскиот Универзитет кој ќе се отвора тука, тој е копија на нашиот македонси УКИМ кој е постар и со подолга традиција. На крајот, не е тешко да се заклучи дека зад ваквата одлука постојат некои мотиви кои не би можеле да ги наречеме потреба на граѓаните на Република Северна Македонија, туку повеќе претставуваат вулгарни политички причини на актуелната Влада.
Како дилема се наметна прашањето за отворање универзитет со исто име како скопскиот .Дали на овој начин се крши Законот за авторски права и индустриска сопственост?
-Моите познавања на оваа правна област, мислам дека е прекршен и овој Закон и Законот за установи. Но, морам да истакнам дека јас не сум експерт во областа, но затоа имав прилика да го прочитам толкувањето на д-р Пепељуговски, долгогодишен адвокат, како и професот токму по Интелектуална сопственост на еден од македонските универзитети и неговите аргументи за незаконитост на Владината одлука, се чинат апсолутно издржани.
Што всушност значи отворање на филијала на универзитет?
-Тоа значи дека бугарскиот универзитет од Велико Трново ќе работи на територијата на Република Северна Македонија според нивните наставни планови и програми, на јазик/јазици на кој е предвидено студирањето во актите на Универзитетот и ќе им издава на студентите свои дипломи кои автоматски ќе бидат препознавани и во нашиот систем без потреба од нивна нострификација.
Барањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј ‘‘ од Велико Трново за отворање негова подружница на територија на нашата држава е доставено преку и во соработка со Меѓународниот Славјански универзитет во Свети Николе.Дали е ова вообичаен начин на соработка, и која институција е задолжена да утврди дали е барањето оправдано?
-Министерството за образование и наука е должно да ја утврди оправданоста на барањето. Како што кажав на самиот почеток при одговорот на првото прашање, врз основа на поднесеното барање МОН било должно да изготви анализи, да ја утврди фактичката состојба во однос на потребата, едноставно да извага што граѓаните и државата добиваат, а што губат со неговото одобрување и тоа од сите аспекти: образовен, научен, кадровски, финансиски и и сл. Сигурна сум дека тоа не е сторено, ми се чини само политичкиот аспект бил земен предвид, а лошо е политиката кога се вмешува во високото образование.
Одобрението за отворање дојде во исклучително чувствителен политички период, имајќи ги предвид односите меѓу двете држави.Ректорот на Великотрновскиот универзитет изјави дека ова ќе биде обид да се изградат уништените мостови.Дали е ова навистина вистинскиот пат?
-Дали е ова вистинскиот пат на решавањее на политичките проблеми меѓу двете држави? Политичките проблеми се решаваат преку дипломатија и преговори, а образованието и науката на граѓаните на една држава не можат и не смеат да бидат предмет на преговори и дипломатија. Ако е случајно совпаѓање на моментот, тогаш е недоволен промислен потег на Владата. Доколку пак не е случаен, туку напротив, политички детерминиран момент, тогаш тоа веќе повлекува и подлабока политичка одговорност на одлучувачот. Времето ќе покаже за што точно станува збор.
К.В.С.