Педесет земји објавија заедничко соопштение во кое тврдат дека Русија ја злоупотребила својата моќ ставајќи вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН.
Во соопштението конкретно се наведува дека Русија го злоупотребила правото на вето блокирајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се осудува руската инвазија на Украина.
Соопштението за медиумите го прочита американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд по состанокот на Советот за безбедност во Њујорк.
На Томас-Гринфилд на подиумот и се придружија и претставници на многу земји кои ја потпишаа изјавата.
„Оние од нас кои денес стојат овде сè уште веруваат во свечената должност и највисоката цел на Советот за безбедност – да се спречи конфликтот и да се спречи злото на војната“, рече Томас-Гринфилд. „Русија ја злоупотреби својата моќ денес за да стави вето на нашата силна резолуција“.
Потсетуваме дека Русија го искористи правото на вето за да ја блокира резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се осудува руската инвазија на Украина.
Имаше 11 гласа „за“, еден „против“ и три „воздржани“. Кина, Обединетите Арапски Емирати и Индија се воздржаа од гласање за текстот направен од Соединетите држави.
Нацрт-резолуцијата сега се очекува да биде разгледана од 193 членки на Генералното собрание на ОН.