Хрватската полиција ја заврши кривичната истрага на 51-годишен италијански државјанин за кој постои сомнение дека извршил кривично дело експлоатација на деца за порнографија.
Инцидентот се случил на 10 јули околу 13:50 часот во туристички објект во Истра, каде што лицата кои го обезбедуваат просторот пронашле маж како снима голи деца на плажа користејќи мини-камера скриена во очила за сонце, соопшти полицијата.
Сомнителното однесување веднаш било пријавено во полицијата, која извршила претрес на просториите и возилото што го користел осомничениот, како и снимената содржина. Во таа прилика, пронајден е инкриминирачки материјал.
„По завршувањето на кривичната истрага, на 11 јули попладне, мажот бил предаден во притворската единица на Управата за полиција на Истра со кривична пријава“, велат од хрватската полиција.
Тие апелирале до граѓаните да ги чуваат своите деца, особено на плажите, да ги облекуваат во костими за капење и веднаш да ја известат полицијата на бројот 192 во случај да видат сомнително лице како снима деца.