Податоците од официјалните мерни станици од Министерство за животна средина и просторно планирање покажуваат дека загадување на воздухот има и во лето, но тогаш не е толку видливо за граѓаните. Аерозагадувањето е актуелно во зима затоа што во тој период атмосферските фактори како влажноста и недостатокот на струење на воздухот го прават видливо, вели Давор Пехчевски, програмски координатор на Еко-свест во денешното гостување во Здраво Македонијо на Канал 5 телевизија.
Зелената транзиција и потребата од искористување на обновливите извори на енергија се процеси кои бараат итни системски решенија, политики и активности од институциите, смета Пехчевски, истакнувајќи ја потребата од покажување посветеност и пример за понатамошна акција.
„Првиот чекор кон зелена транзиција е направен, односно желба на нашата земја да пристапи во ЕУ што меѓу другото подразбира и спроведување на зелената агенда која опфаќа декарбонизација, циркуларна економија, намалување на загадувањето, заштита на природата и одржливо земјоделство. Планот за зелена агенда треба да се претвори во конкретен акциски план, со рокови за спроведување и извор на финансии.
Свесноста кај граѓаните за овие чекори не е доволна. Потребно е институциите да го формираат системот кој ќе ја овозможи примената на овие мерки и акции. Па така, доколку граѓаните знаат дека треба да селектираат пластика, хартија, стакло, институциите треба да обезбедат дека тој отпад ќе се реупотреби или рециклира и нема да заврши на депонија. Исто така треба да има поддршка од државата за промена на начинот на загревање на домовите преку субвенционирање на домаќинствата во тој транзициски период кон обновливи извори на енергија. Доколку сакаме да ја заштитиме животната средина и воедно да го заштитиме и здравјето на граѓаните, треба да се користат фотоволтаици, инвертер клими и други ефикасни и одржливи начини на загревање, како и во европските земји“, потенцира Пехчевски од Еко-свест.
Запрашан дали за овие еколошки прашања има разбирање и соработка со надлежните институции, тој вели дека Еко-свест изминатите 20 години ги посвети токму на воспоставување доверба со институциите и разбирањето дека она што Еко-свест го работи е значајно за граѓаните и државата, а како позитивен пример го посочува партнерскиот однос со Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Во изминатите неколку години имаме солидна соработка со Министерството за животна средина. Имаме многу отворена комуникација, особено во справувањето со енергетската криза и како да ја надминеме. Имаме партнерски однос и со другите институции и општините, но соработката сé уште се развива“, истакна Пехчевски.