Пекинг се надева дека Европската унија ќе ги преиспита тарифите за кинеските електрични возила и ќе престане да оди понатаму во „погрешна насока“ за да ја заштити својата автомобилска индустрија од конкуренција.
Реакцијата на Кина и другите вклучени во спорот, вклучително и европските и кинеските производители на автомобили, како и некои индустриски групи, укажува на јасно противење на одлуката на ЕУ и желба за деескалација на ситуацијата, пренесува Ројтерс.
Кина соопшти дека ќе преземе мерки за заштита на своите интереси откако Европската комисија објави дека од јули ќе воведе дополнителни царини до 38,1 отсто на увозот на кинески електрични автомобили. Тоа значи милијарди евра дополнителни трошоци за производителите на автомобили, според пресметките врз основа на трговските податоци на ЕУ од 2023 година.
„Со оглед на нивната економска структура и огромната големина, најдобро е Кина и ЕУ да се здружат за прашања од голем економски и трговски интерес. Би било попрофитабилно за ЕУ да ги искористи предностите на Кина за да развие сопствена индустрија за електрични возила“, се вели во коментарот на кинеската државна новинска агенција Ксинхуа.
ЕУ одлучи да ги зголеми тарифите откако Вашингтон го стори тоа пред помалку од еден месец кога ги зголеми тарифите за електричните возила од Кина на 100 проценти. САД и ЕУ тврдат дека тарифите се воведени за да се заштити домашната автомобилска индустрија од кинеската конкуренција, која наводно е во предност поради субвенциите, додека Пекинг категорично го негира тоа.
Акциите на кинеските производители на електрични автомобили главно не изгубија од вредноста по одлуката на ЕУ, што беше очекувано. Уште повеќе, акциите на BYD во Хонг Конг се зголемија за повеќе од седум проценти во почетокот на тргувањето, додека акциите во Шенжен пораснаа повеќе од пет проценти. Вредноста на акциите на другите кинески производители е значително зголемена.
Во исто време, акциите на некои од најголемите европски производители на автомобили, кои прават голем дел од нивната продажба во Кина, паднаа во средата поради стравувањата од кинеска одмазда. Некои од најголемите противници на царините се најголемите европски производители на автомобили како BMW, Volkswagen, Stellantis и Mercedes Benz.