Бразилската фудбалска легенда Пеле добива палијативна нега откако хемотерапијата не ги даде очекуваните резултати додека се бори со ракот на дебелото црево, објави во саботата весникот „Фола де Сао Паоло“.
82-годишниот Пеле, кој многумина го сметаат за еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, беше примен во болница во вторникот за повторно да се процени неговиот третман за рак, а подоцна му беше дијагностицирана респираторна инфекција, според медицинските извештаи.
„Фола де Сао Паоло“ извести дека хемотерапијата е прекината и дека Пеле е под палијативна нега и се лекува само поради симптоми како што се болка и отежнато дишење. Весникот исто така објави дека имал општ оток и проблеми со срцето кога бил примен во болница на почетокот на оваа недела, како што претходно објави ЕСПН Бразил.
Болницата „Алберт Ајнштајн“ во Сао Паоло допрва треба да коментира, тврди Ројтерс.
Медицинскиот извештај објавен во петокот вели дека Пеле има соодветен одговор на антибиотскиот третман и дека е во стабилна состојба „со општо подобрување на здравствената состојба“. Му беше отстранет туморот на дебелото црево во септември 2021 година и редовно се лекува во болница.
Поранешниот напаѓач на Бразил, Сантос и Њујорк Космос објави слика од неговото лице проектирано на зградата во Катар, каде се одржува Светското првенство, со порака „Оздрави наскоро“.
Табла со истата порака поставија бразилските навивачи на стадионот „Лусаил“ во петокот пред натпреварот против Камерун.