Претседателката на американскиот Претставнички дом, Ненси Пелоси, и претседателот на јужнокорејскиот парламент, Ким Џин-Пјо, денеска ветија дека ќе ги поддржат напорите за „да се одржи силно одвраќање“ за Северна Кореја и да се постигне нејзина денуклеаризација.
Пелоси и претседателот на јужнокорејскиот парламент го изјавија ова во заедничка изјава, по средбата во Сеул, на која изразија загриженост поради зголемувањето на нуклеарните и ракетните закани од Северна Кореја, пренесува „Ројтерс“.
Пелоси пристигна во Јужна Кореја доцна во средата навечер по локално време, по кратката ненајавена посета на Тајван, која наиде на остра осуда од Кина и ги зголеми тензиите во Тајванскиот теснец.
Таа денеска планира да ја посети Корејската демилитаризирана зона, граничната област меѓу Северна и Јужна Кореја која е заеднички контролирана од двете земји, САД и Обединетите нации, објави АП, цитирајќи јужнокорејски официјален претставник.
Доколку се случи посетата, Пелоси ќе биде највисокиот американски функционер што ја посетил областа од 2019 година, кога тогашниот американски претседател Доналд Трамп ја посети за да се сретне со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун.
Министерството за надворешни работи на Северна Кореја вчера ги критикуваше САД за посетата на Пелоси на Тајван, наведувајќи дека „актуелната ситуација јасно покажува дека Вашингтон дрско се меша во внатрешните работи на другите земји“.
По посетата на Јужна Кореја, каде што се стационирани околу 28.500 американски војници, американската функционерка ќе отпатува во Јапонија како дел од нејзината азиска турнеја.