Ненси Пелоси, претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, која неодамна слета на аеродромот во Тајпеј на Тајван, што предизвика бројни реакции, се огласи на Твитер.
„Посетата на нашата делегација на Тајван оддава почит на непоколебливата посветеност на Америка за поддршка на тајванската демократија. Нашите разговори со раководството на Тајван ја потврдуваат нашата поддршка за нашиот партнер и ги промовираат нашите заеднички интереси, вклучувајќи го и унапредувањето на слободен и отворен индо-пацифички регион“, напиша Пелоси.
Пелоси, инаку, е највисокиот американски функционер кој го посетил островот во последните 25 години.
Нејзината посета предизвика засилени тензии меѓу Кина и САД. Кина тврди дека Тајван е дел од нејзината територија, која ќе биде припоена со сила доколку е потребно, а посетите на странски владини претставници ги гледа како признавање на суверенитетот на островот.
Кина предупреди на „одлучни и силни мерки“ доколку Пелоси продолжи со патувањето.