Пендаровски: Ако ги делиме граѓаните поради етничката припадност, државата ќе се враќа назад и ќе нема просперитет за никого

од Симе Стоиков

Последната седмица од изборната кампања за првиот круг на претседателските избори, кандидатот за претседател Стево Пендаровски денеска ја започна со средби со жителите на скопските општини Сарај и Чаир.

Посочувајќи дека пред пет години ветил дека ќе биде претседател на сите без разлика на верска или национална припадност, Пендаровски рече дека сите граѓани ги чувствува како свои. Истакна дека кај него биле отворени вратите без разлика дали дошле Македонци, Албанци, Турци или граѓани од друга етничка националност или пак некој што не гласал за него. Во оваа насока Пендаровски посочи и дека во секоја прилика бил со својот народ, помагал секому и секаде и додаде дека ако во државата ги делиме граѓаните поради етничката припадност и за сметка на тоа едните имаат поголеми привилегии од другите, државата не само што ќе стагнира, туку и ќе се враќа назад и ќе нема просперитет за никого.

,,Ако државата не оди напред, овие млади луѓе овде што ги гледате, што останале, нема да ги гледате. Ќе заминат кај што има подобра работа, да создадат семејство и да бидат посреќни. Никој нема да нè чека 20-30-40 години да ја подобриме”, рече Пендаровски.

Со граѓаните на Сарај и на Чаир, Пендаровски ги сподели и досегашните достигнувања на државата на меѓународен план, пред, сè, влезот во НАТО и почетокот на преговорите со Европската Унија. Вториот процес, како што рече тој, ќе се одвиваше со уште побрзо темпо, ако не се соочевме со внатрешна блокада од опозиција. Барајќи ја поддршката од граѓаните, Пендаровски истакна дека откако ќе бидеме дел од Европа ќе пораснат платите и пензиите, а со тоа и животниот стандард.

Правејќи паралела меѓу сегашната владејачка гарнитура и опозицијата, претседателскиот кандидат Пендаровски рече дека во нивно време немаше демократија, односно затвораа луѓе во затвор и за најмала навреда. Тоа како што потенцираше Пендаровски, сега не е случај. Сега секој човек е слободен да каже било што и што е уште поважно, нема меѓуетнички тензии. „Затоа имаме задача на 24 април и на 8 мај да ја избереме вистинската опција, бидејќи знам дека на сите ни е преку глава од делби. Ни треба соживот”, заклучи Пендаровски.

Денеска, Пендаровски ќе поразговара и со граѓаните на општина Ѓорче Петров, а на централен митинг ќе се обрати во Гази Баба.

Слични содржини