Пендаровски ги прими акредитивните писма на новата амбасадорка на Бразил во земјава

263 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Мариjа Едилеуза Фонтенеле Реис, новоименувана вонредна и ополномоштена амбасадорка на Федеративна Република Бразил за Република Северна Македонија, со седиште во Софија.

Во рамки на активноста „Отворен Кабинет“ церемонијата на предавање на акредитивите, во живо преку видео платформа ја проследија студенти од мастер студиите по Меѓународно право и односи и право на ЕУ – правни науки, политички науки и односи со јавност од Правен факултет „Јустинијан Први“, Скопје.

Посакувајќи искрено добредојде во нашата земја на бразилската амбасадорка, претседателот Пендаровски во своето обраќање на церемонијата истакна дека и покрај географската оддалеченост на двете пријателски земји, постои заедничка желба и потенцијал за развивање на меѓусебните односи.

„Отворањето на нашата амбасада во Бразилија во 2016 година, јасно ги покажа искрената желба и сериозниот интерес на нашата држава за продлабочување на односите и за унапредување на севкупната соработка со Федеративна Република Бразил“, рече претседателот Пендаровски.

Претседателот Пендаровски, изразувајќи задоволство од соработката на двете држави во рамки на меѓународните организации, истакна дека Република Северна Македонија дава висок приоритет на работата на меѓународните организации и е строг поддржувач на ефективниот мултилатерализам, особено важен за актуелниот период кога сме соочени со ужасните последици од пандемијата со Ковид-19. Тој изрази очекување дека во претстојниот период ќе се интензивира билатералниот политички дијалог со фокус на неискористениот простор во доменот на економијата и на инвестициите.

„Иако, на надворешно политички план, Република Северна Македонија е силно посветена на исполнување на стратешките приоритети, на доследно спроведување на обврските во рамките на веќе реализираното членство во НАТО, како и на заложбите за идното членство во Европската Унија како одговорна членка на меѓународната заедница им придаваме значење на односите со сите држави, за доброто на нашите народи, обезбедување и зацврстување на мирот во светот, како и одржлив развој и економски просперитет“, порача Претседателот.

Во своето обраќање, новоименуватата бразилска амбасадорка Мариjа Едилеуза Фонтенеле Реис упати честитки за Северна Македонија за ефикасниот и соодветен одговор на пандемијата од Ковид-19 и подвлече дека Бразил и Северна Македонија остануваат обединети во борбата против здравствената криза. Честитајќи за влезот во НАТО, амбасадорката Мариjа Едилеуза Фонтенеле Реис рече дека Бразил, како стратешки партнер на ЕУ, очекува успешно заокружување на процесот што води кон полноправно членство во ЕУ. Таа истакна дека Бразил и Северна Македонија делат заеднички вредности, особено верата во дипломатијата, мирното решавање на споровите и почитувањето на владеењето на правото.

„Северна Македонија му докажа на светот дека дипломатијата е најдобрата алатка за решавање на споровите и дека дијалогот и меѓусебното разбирање можат да доведат до посакуваниот пат на просперитетот, мирот и човечкиот развој“, изјави бразилската амбасадорка на церемонијата.

Амбасадорката на Бразил подвлече дека е посветена на стимулирање на туристичките и културните односи меѓу Бразил и Северна Македонија.

„Мојата намера е да работам неуморно со локалните власти и различните сегменти на македонското општество за изнаоѓање на начини за зголемување на билатералната трговска размена и идентификација на можностите за инвестирање меѓу нашите земји“, изјави амбасадорката на Бразил.

Претседателот Пендаровски на новоименуваната амбасадорка на Бразил и посака успех во извршувањето на одговорната мисија и изрази уверување дека во вршењето на дипломатските должности ќе ја ужива нашата целосна соработка и помош.

Слични содржини