Пендаровски од Пробиштип: Велат „никогаш Северна”, ама од Северна Македонија пет години примаат високи функционерски плати

Истакнувајќи дека во изминативе пет години тоа што го ветил и го исполнил до последно, Пендаровски посочи дека бил, е и ќе биде претседател на сите.

од Бети Божиноска
219 прегледи

Граѓаните не смеат да им веруваат на политичари чии ставови се менуваат во зависност од тоа дали ги кажуваат јавно или зад телевизиските камери, истакна кандидатот за претседател Стево Пендаровски на вториот ден од победничкиот караван пред граѓаните на Пробиштип.

Во насока на лажните ветувања на опозицијата, Пендаровски рече дека опозициските функционери велат „никогаш Северна”, ама од Северна Македонија пет години по ред примаат високи функционерски плати како пратеници, како градоначалници, како локални советници.

Тој им се заблагодари на граѓаните на Пробиштип за досегашната и повторно ја побара нивната поддршка на 24 април и на 8 мај. Истакнувајќи дека во изминативе пет години тоа што го ветил и го исполнил до последно, Пендаровски посочи дека бил, е и ќе биде претседател на сите.

„Не постои еден единствен граѓанин кој сакал да ме види, да поразговара со мене, а да не сум го примил. Не постои ни еден кој побарал помош од мене, а да не сум се обидел во рамки на моите можности, да му помогнам. И не постои ниту еден граѓанин, човек во нашава држава кој може да каже дека сум го деградирал, дека сум го дискриминирал, дека сум го понижил, дека сум го навредил само затоа што не е од оваа политичка структура, само затоа што не е Македонец, или од која било вера и да е”, потенцираше Пендаровски.

Зборувајќи за досегашните грешки на владејачката гарнитура, Пендаровски со граѓаните на Пробиштип ја сподели идејата за целосен ветинг на сите судии и обвинители, но и на сите политичари.

„Во однос на главната парола „Нема правда, нема мир” чесно е кажеме дека застанавме на половина пат. Затоа јас предлагам и сите што ме поддржуваат се согласуваат со тој предлог, веднаш после изборите, откако ќе ја добиеме вашата доверба да направиме комплетен, длабок сеопфатен ветинг на сите судии и обвинители, но и на сите политичари кои ја бараат вашата доверба”, заклучи Пендаровски.

Вториот ден од кампањата, Пендаровски ќе го заврши со централен митинг во Штип.

Слични содржини