Претседателот Стево Пендаровски, денеска, преку видео-врска разговараше со Јурате Рагукјене, новоименувана амбасадорка на Република Литванија за Република Северна Македонија, со седиште во Загреб.
Поради пандемијата на КОВИД-19, амбасадорката Рагукјене, наместо на протоколарна церемонија во Кабинетот на претседателот, акредитивните писма ги предаде по писмен пат.
Упатувајќи честитки за назначувањето на функцијата, претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, изрази увереност дека ангажманот на амбасадорката Рагукјене ќе даде значаен придонес во натамошното јакнење на соработката меѓу двете држави во сите области од заемен интерес.
-Во тој контекст двајцата соговорници изразија задоволство од добрите и пријателски политички односи, реафирмирајќи ја подготвеноста на двете држави за натамошно продлабочување и унапредување на соработката, особено во економската област, трговската размена и инвестициската соработка, се наведува во соопштението.
Осврнувајќи се на стратешките аспирации на Република Северна Македонија за членство во Европската Унија, претседателот Пендаровски изрази благодарност за отворената и силна поддршка од Литванија на нашиот евроатлантски пат.
Двајцата соговорници разменија мислења и за актуелната состојба со пандемијата на КОВИД-19 во двете држави, како и за справувањето со предизвиците од здравствен и социо-економски аспект.
Претседателот Пендаровски и посака успех на амбасадорката на Литванија во извршувањето на оваа одговорна должност, нагласувајќи дека во таа насока ја има целосната поддршка и помош од нашите институции.