Пендаровски прими делегација од Парламентарното собрание на ОБСЕ

од Destan Jonuzi
136 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими претседателката и генералниот секретар на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Маргарета Седерфелт и Роберто Монтела.

На средбата се разговараше за претстојното претседавање на Република Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, за актуелната состојба во организацијата од аспект на безбедносните случувања во Европа како и за досегашната соработка и можностите за нејзино продлабочување.

Соговорниците разменија мислења за подготовките кои се спроведуваат за преземање на претседавањето со ОБСЕ идната година, како и за приоритетите на македонското претседавање во 2023 година. Во таа насока претседателот Пендаровски посочи дека земјава, со оглед на променетите безбедносни околности, ќе се фокусира на обнова на стабилноста преку враќање на дијалогот и довербата, додавајќи дека енергетската безбедност, еколошките прашања, почитување на човековите права и доброто владеење, како и младинските политики, ќе бидат дел од приоритетните задачи на нашето претседавање.

Претседателот се заблагодари за севкупната поддршка од Парламентарното собрание посочувајќи дека Северна Македонија ќе биде отворена за какви било конструктивни предлози кои имаат за цел да ја унапредат улогата на ОБСЕ за време на нашето претседавање, и изрази подготвеност за интензивна комуникација, координација и јакнење на заедничките активности.

На средбата претседателот Пендаровски ја поздрави улогата на ОБСЕ и истакна дека Северна Македонија високо ги цени нивните напори во обезбедување на стабилноста, демократизацијата и социо-економскиот развој на регионот, како и негувањето и јакнењето на меѓупарламентарениот дијалог.

Слични содржини