Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на средбата што Државниот завод за статистика ја организираше со градоначалниците на општините од Република Северна Македонија, посветена на значењето и улогата на локалната самоуправа во процесот на подготовка и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите, 2021.
„Овој попис ќе се спроведува во несекојдневен период. Поради пандемијата, целиот свет минува низ една голема трансформација. Успешноста на една држава се мери според способноста да се справи со бројните економски, социјални, здравствени, еколошки и образовни ефекти од пандемијата. Еден од главните елементи што е неопходен за успешни политики е токму реалната слика за бројноста на населението и неговата економска, образовна и социјална структура. Не постои друг начин за добивање на реална слика, освен преку пописот како статистичка операција која е предуслов за секоја организирана држава да може да го планира својот развој. За жал, од познати причини, речиси 20 години ние ги немаме тие витални статистички параметри.
Иако беше усвоен и стапи на сила само пред неколку дена, Законот за попис е тема што ја бранува јавноста веќе подолго време. Затоа, пред да го потпишам Указот за прогласување на Законот се сретнав со претставници на релевантните државни институции и се консултирав со истакнати домашни и меѓународни експерти во областа, вклучително и од Евростат. Нивниот начелен став е дека одредбите во законот (зборувам за општата рамка) не отстапуваат од стандардните меѓународни норми и принципи и од праксата при организирање на пописите во најголемиот број членки на Европската Унија. Затоа сум длабоко убеден дека самото законско решение не претставува пречка за коректно изведување на пописот. Исто така, уверен сум дека Државниот завод за статистика има доволно знаење, искуство и ресурси да ја спроведе оваа важна статистичка операција на професионален начин, почитувајќи ги притоа сите препораки и мерки за заштита од КОВИД-19.
Според мене, проблемите поврзани со пописот не се ниту законски, ниту уставни, ниту технички, ниту здравствени. Најголемиот предизвик при неговата имплементација може да биде само непотребната политизација која во јавноста се креира извесен период наназад.
Оваа политизација ги вклучува повиците за бојкот на пописот, лицитирање за процентуалната застапеност на заедниците и најавите дека нема да бидат прифатени резултатите доколку не отсликуваат нечија посакувана бројка. Иако доаѓаат од различни страни, сите обиди за политизација имаат еден заеднички именител. Имено, сите се рефлексија на стравот од резултатите од пописот.
Според мене, тој страв произлегува од погрешното разбирање на концептот на човековите права како наводно, збир на привилегии што некој некому му ги дава или му ги одзема. За жал, точно е дека на Балканот правата на луѓето сè уште се гледаат низ етничка призма и пописот не се перцепира како статистичка операција, туку како политички проект. Затоа, кога се пребројуваме во регионот ние сè уште веруваме дека силата е во бројките и дека само од тие бројки зависат нашите права. Тоа е и главната причина зошто речиси 20 години немаме организирано попис и зошто го прекинавме во 2011-та. Но, човековите права и слободи не се привилегии што можат да се изгубат или одземат во зависност од нечија волја. Во една демократска држава со европска иднина, стекнатите права не смеат да се одземаат, туку само да се зголемуваат, и тоа треба да важи за сите граѓани, независно од нивната бројка.
Во таа смисла, политизацијата на пописот е само дефокусирање од реалните проблеми со кои се соочуваат македонските граѓани, а, тие се најмногу во економско-социјалната сфера, владеењето на правото, и како нивна последица – иселувањето.
Ако постои една работа која што навистина треба да не исплаши од овој попис сите нас, тоа е бројката на иселени граѓани, бројката на млади луѓе кои засекогаш ја напуштиле државата во потрага по подобар живот за себе и за своите семејства. Тоа претставува една од најголемите закани за иднината на Република Северна Македонија. А се иселуваат граѓани од секоја етничка и верска припадност. Се иселуваат од сите општини, од сите градови и села. Негативните ефекти од иселувањето најдиректно се чувствуваат токму на локално ниво. Вие, како градоначалници многу подобро од нас знаете како тоа се одразува на животот и развојот на општините. Сигурно и самите познавате многу ваши сограѓани кои купиле карта за еден правец.
Точно е дека претстојниот попис ќе не соочи со нашите најголеми стравови. Но, тоа не се стравови од другиот, различниот, туку стравови за тоа колку всушност малку не има во нашата заедничка држава.
Но, токму тоа соочување со реалноста ни е апсолутно неопходно за да ни помогне конечно да се фокусираме на реалните проблеми. Наместо да влегуваме во непотребни меѓусебни расправии и обвинувања за тоа во чие време се иселиле повеќе граѓани, треба заеднички да бараме решенија за намалување на иселувањето. Пописот е исклучително важен за димензионирање на политиките, проектите и буџетите и на централно и на локално ниво. Од овие податоци зависи каква инфраструктура ни треба, колку градинки, училишта и болници му се реално потребни на секое населено место. Резултатите ќе влијаат и на коригирање на урбанистичките планови за да ги отсликуваат објективните потреби на резидентното население. Конечно, пописот ќе им помогне на институциите на централно и локално ниво подобро да си ја вршат својата функција во служба на сите граѓани.
Потребен ни е попис чии резултати нема да бидат оспорувани, а предуслов за тоа е да имаме политички консензус дека независно од резултатите, ничии права нема да бидат загрозени или одземани. Во повеќе наврати реков дека пописот ќе го деполитизираме само ако сите релевантни политички фактори упатат, јасни и недвосмислени пораки до македонските граѓани, во оваа насока. Ниту една демократска држава не може да напредува ако на своите граѓани од која било заедница им ги одзема стекнатите права. Секој таков обид може само да ги продлабочи поделбите во македонското мултиетничко општество. Затоа, да повторам уште еднаш – ако нешто зависи од резултатите на пописот, тоа не се правата на граѓаните, туку, идниот развој на државата.
Сакам да ве повикам и вие, како градоначалници да упатите токму такви пораки до жителите во вашите општини. Ефектите од добро спроведен попис најмногу ќе ги почувствуваат токму граѓаните на локално ниво. И од вашата подготвеност да работите во оваа насока ќе зависи дали резултатите од пописот ќе се користат за проектирање на развојни стратегии и политики за доброто на сите граѓани, или ќе бидат уште една причина за продлабочување на поделбите и на локално ниво.
Лично очекувам дека сите ние, политичките претставници на граѓаните, да бидеме на висина на историскиот предизвик кој е поставен пред сите нас. Организирањето на кредибилен попис ќе биде и тест за нашата зрелост како држава. Ако го спроведеме со сите нишани, како што доликува на една сериозна држава, овој попис ќе ни помогне да ја обновиме довербата на граѓаните и во централните и во локалните институции, но и меѓусебната доверба на граѓаните, независно од нивната етничка припадност.
При тоа, една работа да ни биде јасна: одговорноста да не ја бараме кај граѓаните, одговорноста е кај нас, политичарите. Ние мора да покажеме дека 30 години по 8 септември 1991-та, имаме конечно созреано како држава и дека ја заслужуваме независноста во чии темели имаат вложувано генерации борци за слобода и човекови права, децении пред нас“, вели во обраќањето, претседателот Пендаровски.