Министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, сублимирајќи ги ефектите во работата на општините во 2022 година, во интервју за Фронтлајн, констатира дека изминатата година немало капитални инвестиции во општините и дека таа година е најниско нивото на инвестирање. При тоа, министерот Пенов во предвид ги зема и објективните и субјективните причини за тоа. Во објективните секако спаѓа енергетската криза која доаѓа по ковид пандемијата кој исто така ги наруши економските текови.
„Сепак забележителна е појавата дека заради енергетската криза трошоците на општините за енергија во првите девет месеци во 2022 се зголемиле за една милијарда денари повеќе од она што го плаќале во 2021. Тоа е огромно зголемување на трошоците. Но за да ги надоместат тие трошоци, општините ги намалиле капиталните инвестиции најдрастично. Затоа пак кај платите секаде има некаков пораст, како и кај договорните услуги. За одбележување е што инвестициите не се намалени само за една милијарда денари, колку што бил трошокот за електрична енергија, туку се намалени за милијарда и деветстотини милиони денари, значи скоро дупло. Тоа е неповолен и неоправдан ефект“, вели министерот Пенов.
Според министерот за локална самоуправа, уште позагрижувачко е што покрај тоа што ги намалиле капиталните инвестиции за милијарда и деветстотини милиони денари, при што најголем пад има во Скопје, зголемени се и долговите на општините за дополнителни осумстотини милиони денари, што говори за катастрофална 2022 година.