ПЕНТАГОН ПОТВРДИ: Американски Ф-16 собори турски вооружен дрон во Сирија

од Vladimir Zorba
281 прегледи

Американски Ф-16 денеска собори вооружено турско беспилотно летало кое оперирало во близина на американските војници во Сирија по неколку предупредувања, соопштија американски официјални лица.

Соборувањето на дронот дојде по повеќекратните предупредувања да се држат настрана од американските копнени трупи во близина на Ал Хасака, во североисточна Сирија.

Пентагон ја потврди информацијата за соборувањето на дронот, а генералот Пет Рајдер, портпарол на Министерството за одбрана на САД, рече дека САД не веруваат оти Турција злонамерно им се заканила на американските сили во Сирија, додавајќи дека се работи за „жален инцидент“.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин разговараше за ова прашање со неговиот турски колега, рече Рајдер.

Се верува дека ова е прв пат САД да соборат беспилотно летало од Турција, која е американски сојузник во НАТО, објавија американските медиуми.

Според АП, беспилотното летало бомбардирало цели во близина на Хасак и иако не биле насочени кон американските војници, бомбите паднале доволно блиску за да претставуваат опасност за нив. Според агенцијата, американските сили ги предупредиле турските сили за тоа, по што дронот бил соборен.

Претходно, официјален претставник на турското Министерство за одбрана, како што јави Ројтерс, изјави дека дронот соборен од коалицијата предводена од САД не припаѓа на турските вооружени сили, но не прецизираше чија сопственост е.

Турската Национална разузнавачка агенција изврши напади во Сирија врз цели на курдските милитанти по бомбашкиот напад во Анкара минатиот викенд, изјави денеска турски безбедносен извор, пренесува Ројтерс.

Слични содржини