Пентагон стравува дека Израел е на чекор од општа војна со Хезболах

од Milan1
28 прегледи

Експлозиите на пејџери, воки-токи и други електронски уреди на членовите на Хезболах што го потресоа Либан два дена значително ги зголемија стравувањата на Пентагон дека би можела да избие копнена војна на југот на таа блискоисточна земја меѓу Израел и исламистичката организација која има поддршка од Иран.

Волстрит журнал пишува дека дури и пред стотиците детонации што одекнаа низ Либан во вторникот и средата, американскиот секретар за одбрана Лојд Остин ги собра високите претставници на Пентагон за да разговараат за прекуграничните ракетни и воздушни напади што Израел и Хезболах ги извршуваат речиси цела година, од почетокот на војната во Појасот Газа.

Во понеделникот се одржа состанок во американското Министерство за одбрана, на кој Остин им кажа на соработниците дека стравува дека Израел наскоро би можел да започне копнена офанзива во јужен Либан.

Според последните податоци на либанските власти, во вчерашните експлозии на воки-токи што ги користеле припадниците на Хезболах загинале 20 лица, а повеќе од 450 луѓе се ранети.

Еден ден претходно, 12 лица, меѓу кои две деца, загинаа во експлозии на пејџер, а речиси 3.000 луѓе беа повредени.

Британската агенција наведува дека израелските власти не ги коментирале овие експлозии, но Ројтерс од безбедносни извори добил информација дека зад нив стои израелската шпионска агенција Мосад.

– Отвораме нова фаза од војната. Од нас бара храброст, одлучност и истрајност – рече Јоав Галант, министерот за одбрана на Израел, при вчерашното обраќање пред војниците во воздухопловната база.

Ајман Сафади, јорданскиот министер за надворешни работи, го обвини Израел дека го турка Блискиот Исток на работ на регионална војна со спроведување опасни ескалации на многу фронтови.

Принцот Калид бин Бандар ал Сауд, амбасадор на Саудиска Арабија во Обединетото Кралство, ја коментираше ситуацијата за „Sky News“.

– Блискиот исток се повеќе и повеќе се оддалечува од местото каде што треба да биде. Верувам дека сега сме најблиску до регионална војна од 1973 година, рече тој, мислејќи на големиот конфликт меѓу Израел и арапските земји пред повеќе од пет децении.

Тој предупреди дека ситуацијата на терен се влошува и дека е неопходно да се „обноват напорите“ за прекин на борбите.

Слични содржини