Пензионерите добиваат повисоки пензии за 6,8 проценти

од Берта Китинска
182 прегледи

Со септемвриската пензија околу 330 илјади пензионери во државата добиваат повисоки пензии за 6,8 отсто, согласно новата методологија воведена со последните измени во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои стапија на сила во март 2022 година.

Новата методологија предвидува усогласување на пензиите со комбиниран модел од 50 отсто пораст на просечната плата на сите вработени во државата и 50 проценти пораст на трошоци на живот, согласно официјалните податоци на Државниот завод за статистика.

Притоа, усогласувањето ќе се врши два пати во годината, односно во март и септември, според процентот кој се добива како збир на порастот на индексот на трошоци на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатена плата на сите вработени во државата во однос на полугодието кое му претходи.

Усогласувањето ќе ги следи промените во двата индекса. На овој начин се обезбедува постојан раст на пензиите.

Министерството за труд и социјална политика известува и дека ваквото решение, односно воспоставувањето на новата методологија е направена низ дијалог со Сојузот на пензионери на Македонија и Партијата на пензионери, како претставници на нашата највозрасна категорија на граѓани во државата.

„Носењето решенија на долг рок и нивна одржливост од кои директна придобивка имаат граѓаните со акцент на ранливите категории е приоритет на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика“, велат од Министерството.

Слични содржини