Пензионерите „ни на небо ни на земја“, растргнати меѓу желбите и законските можности

од Vladimir Zorba
961 прегледи

Состојбата во Фондот за ПИОМ, барањата на пензионерите и законските можности за зголемување на пензиите, ги поделија мислењата на експертите околу тоа кое решение е најадекватно за да се сочува и подобри животниот стандард на пензионерите а при тоа да не се доведе во прашање идната исплата на пензиите.

„Локално“ на оваа тема ги консултираше универзитетската професорка и една од најголемите познавачи на состојбите во македонскиот пензиски систем Јадранка Мршиќ  и поранешната директорка на Фондот за ПИОМ Билјана Јовановска.

Мршиќ која беше вклучена во процесот на реформа на пензискиот систем е децидна дека не постои законска основа за зголемување на пензиите надвор од постоечката  формула за усогласување на пензиите. Оттука вели, бараното линерно зголемување на пензиите би претставувало корекција на правото на пензија што корисниците на пензии го стекнале и остваруваат согласно законот за пензиско и инвалидско осигурување како и негова прераспределба, а за тоа нема законска основа .

Јадранка Мршиќ

Јадранка Мршиќ

„Реализирање на таквото барање би значело упад во пензискиот систем и суспендирање на неговата функција и државата нема ниту основ ниту право да презема такви активности“, изјави Мршиќ за Локално.

Во оваа насока го предочува фактот дека старосните пензии  што се утврдени при пензионирањето се усогласуваат во текот на нивното користење за да се одржува нивната вредност и не може повторно да се утврдува нов износ на пензија или да се врши промена на износите во корист на едни а на штета на други корисници.

„Вработените кои имале ниски плати или покус работен стаж и соодветно оствариле ниска старосна пензија не може да очекуваат во текот на времето да добијат повисока пензија, туку пензијата редовно и автоматски да им се усогласува со пропишаниот индекс за усогласување на пензиите за да им се одржува вредноста со порастот на цените и на платите“, објаснува Мршиќ.

На овој начин таа  ги разјаснува и  дилемите во однос на категоријата на најниска старосна пензија посочувајќи дека  на сите осигуреници кои по различни основи и причини оствариле низок износ на пензија со закон веќе им се исплаќа повисок износ на пензија од правото што го оствариле а за да бидат заштитени од сиромаштија. Оттука, како што вели, прашањето на корисниците со ниски пензии треба да се третира во рамки на системот за социјални политики, а не во пензискиот систем.

„Надлежното министерство да направи анализа и оценка на приходите на овие пензионери и откако ќе се утврди вистинската состојба и потреби да се креираат мерки и извори за покривање на потребите“, вели Мршиќ.

Од друга страна, како најсоодветен начин  да се спречи прилив на нови корисници на ниски пензии Мршиќ ја сугерира потребата од енергична и поефикасна акција за намалување на сивото вработување во различни форми  кое ги намалува приходите на пензискиот фонд преку неплатени или помалку платени пензиски придонеси и ги оштетува вработените затоа што со плати пријавени на помал износ ќе остваруваат пониски пензии, а незадоволството од тоа и барањето за поголеми пензии подоцна ќе го адресираат на државата.

Поранешната директорка на ПИОМ- Билјана Јовановска има поинакво согледување на работите. За неа  линеарното зголемување на пензиите е поприфатливо  и во интерес на пензионерите од кои најголем број земаат пензии до 15 000 денари. Тврди  дека со процентуалното зголемувањето на пензиите, буџетот нема да биде во ризик но ќе го зголеми јазот меѓу  побогатите и посиромашните пензионери.

„Доколку зборуваме за најавеното процентуално усогласување од 6%, не би предизвикало промена на планираниот буџет ако истите тие средства наместо 6% по пензионер, се распределат линеарно со фиксен износ за сите подеднакво од истиот тој буџет. Зошто? Затоа што 6% зголемување на вкупната сума за исплата на една месечна пензија за сите пензионери (пр. шест милијарди денари), ќе значи дополнителни 360 милиони денари за буџетот на државата (значи 5,36 милијарди), било да е процентуално или линеарно. Од друга страна пак, од гледна точка на пензионерите има разлика и тоа голема“, забележува Јовановска.

Во ова време и во овие прилики тешко се да се зборува за праведност но зголемувањето на пензиите вели таа е политичка одлука. 

Билјана Јовановска

Билјана Јовановска

Оттука, според Јовановска, треба да се гледа големата слика, а не само да повторуваме дека таков е законот. Сугерира дека решенијата да се креираат во зависност од актуелната економска состојба во државата, но во време на зголемени цени не смее вели таа, минималната пензија да биде под 20 000 денари. 

Знаете како, кај нас изгледа постојано и за сѐ се винови законите. За функционерите мораше да се зголемат платите за 78% затоа што така налагаа законите, а за пензионерите само 6%, исто зашто така налагаат законите. Јас разбирам дека буџетот е лимитиран и дека тешко се задоволуваат потребите, но треба работите да се гледаат реално и да има некаков баланс“, вели Јовановска.

Ддодава дека начинот на покачувањето на пензиите (линеарно, процентуално, согласно статистички параметри и слично) зависи од волјата и политиките, но и од подготвеноста и способноста на Владата да се носи со потребите на пензионерите.

Јовановска советува пензионерите да побараат да се одвои задршката за посмртни трошоци која оди во Солидарниот фонд и онаа за чланарина која се уплаќа на сметката на Сојузот на здруженија на пензионери. Така според неа ќе може да бираат дали ќе плаќаат за нешто во што не учествуваат. Потенцирајки дека на пензионерите како ранлива категорија граѓани мора и треба да им се помогне, сугерира сузбивање на сивата економија со што во буџетот вели таа, би се слеале 450 мил.евра годишно за попродктивни цели и подобар стандард на граѓаните. 

Правејќи резиме на буџетската каса на Фондот за ПИОМ додека таа беше директор, Јовановска вели дека во 2021 г трансферот од буџетот бил најмал во споредба со годините порано, а притоа имало навремена исплата на пензиите и обврските од здравствено осигурување, како и зголемена наплата на придонесите. Фондот за ПИОМ вели та ќе биде зависен од буџетот се додека не почнат со исплата на пензии приватните фондови (околу 2035 година) но и се додека Владата води политики  за ослободување од придонеси за одредени категории вработени и фирми.

К.В.С.

Слични содржини