Перински: Не верувам дека во рок од еден мандат Скопје целосно ќе застане на нозе, но сепак е доволен период на градот да му се постават основните темели

од Nikola Popovski
1,2K прегледи

Покривање загуби на општините сметам дека е сосема погрешен пристап, кој всушност поттикнува непродуктивност, мерка што ја практикуваше претходната Влада. Оваа Влада, смета дека таквиот модел не е соодветен. Иако е точно дека општините се соочуваат со ограничени буџети, тоа не е оправдување за нивните негативни финансиски резултати, вели во интервју за „Локално“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински запрашан дали унгарскиот кредит навистина ќе помогне или е само решение за општинските долгови.

Според него, комунален надзор по општините треба да се регулира со Законот за комунални дејности, кој ја опишува целата материја, а со планираните измени на Законот за локална самоуправа, како обврска во иднина градоначалниците ќе мора да ја спроведуваат, односно комуналните редари ќе бидат обврска на градоначалниците.

-Нашата интенција и очекувања се дека изменетата подобрена рамка ќе биде подготвена и применлива пред претстојните локални избори. Од досегашната неформална комуникација со директните и индиректните чинители во системот за локална самоуправа, но и од веќе започнатиот процес на отворени јавни дебати за измените на Законот, можам да кажам дека генерално имаме унисон став и поддршка за планираните измени, истакнува министерот.

На прашањето како ги коментира реакциите на дел од јавноста кој во него гледа нов градоначалник на Скопје и како би можел да ги среди проблемите за еден мандат, Перински истакнува дека клучно е да се реализираат долгорочни и координирани решенија, а не краткорочни мерки.

-На пример, проблемот со загадувањето не може да се реши без да се подобри јавниот превоз. Добар менаџмент на јавните претпријатија е исто така неопходен за ефикасно функционирање на системот и квалитетни јавни услуги, ни рече министерот.

Повеќе од половина година сте министер за локална самоуправа. Во каква состојба ја наследивте функцијата и дали се покренати ревизии во рамките на процесите на Министерството?

-Министерството за локална самоуправа, иако релативно мало по големина, има сериозни одговорности кои се клучни за развојот на секоја општина, а со тоа и на државата. За жал, низ годините, било недоволно екипирано и со недостиг на соодветен кадар, што рефлектирало со недостаток на конкретни активности и стратегии во насока на подобрување на функционалноста на локалната самоуправа и регионалниот развој.

Во овој контекст, се доекипиравме, направивме стратегија за задачите со фокус на конкретни резултати кои ќе имаат директен позитивен ефект врз локалниот и регионалниот развој. Сметам дека сме на добар пат, за што показател се низата мерки и активности кои ги презедовме во изминативе шест месеци со кои го подобривме квалитетот на секојдневието на граѓаните.

Општините кои поминаа на огласот за доделување на државна помош за капитални инвестиции од парите од унгарскиот кредит веќе ги потпишаа договорите и ги добиваат средствата. Вкупно се потпишани 274 проекти за вкупно 4,1 милијарда денари. Видовме дека претходната Влада покриваше загуби на локалните самоуправи. Дали унгарскиот кредит навистина ќе им помогне или е само решение за општинските долгови?

-Покривање загуби на општините сметам дека е сосема погрешен пристап, кој всушност поттикнува непродуктивност, мерка што ја практикуваше претходната Влада. Оваа Влада смета дека таквиот модел не е соодветен. Иако е точно дека општините се соочуваат со ограничени буџети, тоа не е оправдување за нивните негативни финансиски резултати. Клучен фактор за успешно функционирање на локалните самоуправи е менаџментот.

Ние одлучивме да помогнеме на општините, но не преку покривање на долговите, туку преку финансирање на проекти кои ќе создадат додадена вредност за нив. На тој начин, не само што ќе се подобри квалитетот на живот на граѓаните, туку и ќе се поттикне економската активност. Пример, една новоасфалтирана улица во некоја општина може да поттикне нови приватни инвестиции, што ќе има директен и индиректен ефект на развојот на економијата.

Гледаме дека актуелната Влада, но и претходните постојано финансиски ги помагаа општините. Во јавноста има впечаток дека општините се како „бунар без дно“…Постои ли солуција за локалната самоуправа да стане самоодржлива на долг рок?

-Со посветена работа, успешно менаџирање и пред се со соодветно планирање на буџетот, уверен сум дека локалните самоуправи можат да бидат самоодржливи. Впрочем, постојат повеќе такви примери на општини низ државава.

Првото и најголемо невнимание во општините кои генерираат загуби е поврзано со планирањето на приходите и расходите. Тие планираат да остварат 100% наплата на комуналните такси и даноците на имот, но во реалноста во целост тоа не се остварува и оттаму е главната причина од каде потоа им потекнуваат финансиските проблеми.
Расходната страна ја реализираат во целост, а на приходната страна, особено во делот од приходи од сопствени извори на финансирање, заостануваат со што се создава тој гап и се генерира негативен финансиски резултат.

Отповикување од градоначалничката функција и воведување комунална полиција се дел од новитетите што треба да ги има во новиот закон за локална самоуправа. Што точно би значело тоа и како би функционирало?…Воведување на комунална полиција не е нова идеја, но не може никако да заживее, додека во јавноста се добива впечаток дека барањето за отповикување доаѓа во моменти откако партијата од која сте дел веќе призна дека погреши со изборот на скопската градоначалничка…

-Причините за измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа произлегуваат од идентификуваните слабости после неговата дваесетгодишна примена. Комунален надзор треба да се регулира со Законот за комунални дејности, кој ја опишува целата материја, а со планираните измени на Законот за локална самоуправа, како обврска во иднина градоначалниците ќе мора да ја спроведуваат, односно комуналните редари ќе бидат обврска на градоначалниците. На тој начин верувам дека ќе станат минато девијантните појави на дел од граѓаните за уништување на јавните површини, урбаната опрема и слично.

Кога реално можеме да го очекуваме ваквиот предлог-закон во Собранието и дали очекувате поддршка со двотретинско мнозинство колку што е потребно? Според сегашните проекции од парламентарното мнозинство, „на хартија“ се гледа ќе биде потребна „помош“ од некои опозициски пратеници…

-Нашата интенција и очекувања се дека изменетата подобрена рамка ќе биде подготвена и применлива пред претстојните локални избори. Од досегашната неформална комуникација со директните и индиректните чинители во системот за локална самоуправа, но и од веќе започнатиот процес на отворени јавни дебати за измените на Законот, можам да кажам дека генерално имаме унисон став и поддршка за планираните измени. Очекувано, има забелешки, коментари, сугестии, токму и затоа ги правиме јавните дебати, за да дојдеме до издржано законско решение и верувам дека измените ќе го рефлектираат најширокиот консензус во општеството и во Собранието.

Град Скопје

Функционирањето на Градот Скопје во последните две години е се повеќе отежнато. Откако се разидоа патиштата на градоначалничката Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, гледаме проблеми со јавниот превоз, хигиената, долгови во јавните претпријатија, a работите „се крпат“ со краткорочни мерки. Дали како Министерство можете некако да најдете „чаре“ и да ѝ помогнете на градската администрација или неизбежно е дека граѓаните ќе ги чекаат локалните избори за да видат подобрувања?

-Во случајов, единствено градоначалникот и директорите на јавните претпријатија можат да им помогнат на вработените и на скопјани. Поедноставен и побрз начин, не постои. Ние како Министерство, ниту пак било која друга институција, немаме никакви надлежности затоа што законски утврдените надлежности впишани во Закон за локална самоуправа и во Закон за Град Скопје се строго детерминирани и определни и како Влада секако оставаме можност да помогнеме онаму каде што треба, но на крај од ден некој треба да работи и да си ја заработи платата.

Дел од граѓаните, но и меѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ, во вас препознаваат сериозен кандидат кој може да ја замени Данела Арсовска. Како гледате на ваквите прогнози и како го замислувате градот доколку бидете кандидирани и доколку победите? Дали би можеле да ги средите проблемите за еден мандат?

-Јасна визија со долгорочна стратегија усогласена со потребите на граѓаните е сигурно решение за проблемите на Скопје и скопјани, кои изминативе години, за жал, секојдневно се таложат. Со оглед на околностите на кои сме сведоци, не верувам дека во рок од еден мандат Скопје целосно ќе застане на нозе, но сепак, тоа е сосема доволен период на градот да му се постават основните темели врз кои потоа ќе продолжи да се развива и зајакнува во насока на вистинска метропола. На Скопје му е неопходна урбана политика по меѓународни стандарди, со фокус на модернизација на јавниот превоз, мерки за намалување на загадувањето, оптимизација на паркирањето и зајакнување на капацитетите за одржување на хигиената и урбанизацијата на јавните простори. За да се обезбеди квалитетен живот за сите граѓани, потребен е системски пристап кој ќе ги опфати сите аспекти на урбаното опкружување. Клучно е да се реализираат долгорочни и координирани решенија, а не краткорочни мерки. На пример, проблемот со загадувањето не може да се реши без да се подобри јавниот превоз. Добар менаџмент на јавните претпријатија е исто така неопходен за ефикасно функционирање на системот и квалитетни јавни услуги. Единствено така, Скопје може да стане функционален и урбан град.

Покрај вашето име како кандидат за „градски татко“ на Скопје, се споменува и името на вашиот партиски другар Орце Ѓорѓиевски. Со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ веќе призна дека се „изгоре“ со поддршката за Арсовска, дали сметате дека партијата повеќе ќе се насочи кон кадар кој ќе дојде токму од партијата, а не независен како што беше во претходниот случај?

-Јас сум убеден дека следниот градоначалник ќе биде од редовите на ВМРО ДПМНЕ, а конечната одлука ќе зависи од многу фактори. Најважно е да се донесе најдобрата одлука за скопјани и иднината на градот. Не се сомневам дека така и ќе биде.

Н.П.

Слични содржини