САД доколку воведат санкции врз раководството на Русија, вклучително и претседателот Владимир Путин, тоа ќе биде политички деструктивно, но не и болно, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
На новинарско прашање дали претседателот на Русија се уште има сметка во банката „Русија“, тој одговори: „Секако“.
Песков нагласи дека санкциите не се болни за ниту еден претставник на високото раководство на Русија.
– Видете, американските конгресмени и сенатори кои не ја знаат оваа тема зборуваат за замрзнување на имотот на претставниците на руското раководство, банкарски сметки, недвижен имот итн, но се чини дека тоа е поврзано со фактот дека немаат доволно познавање и не се консултираат со оние што се занимаваат со Русија. Работата е што според нашиот закон, за раководството и високите функционери, тоа е одамна забрането, тие не смеаат да имаат сметки во странски држави. Затоа, се разбира, вака формулираното прашање апсолутно не е болно за ниту еден од претставниците на високото раководство, објасни тој.
Претходно американскиот претседател Џозеф Бајден не ја исклучи можноста за воведување санкции за Путин. За ова прашање се разговараше и во Сенатот на САД.