Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес го критикуваше коментарот на претседателката на Европската агенција за лекови (ЕМА), Криста Виртумер-Хохе, која ги спореди итните одобрувања на вакцината Спутник V со играње руски рулет, како „неточен и за жалење“.
„Што се однесува до оваа изјава, таа е во најмала рака за жалење и според наше мислење, не е точна“, изјави Песков пред новинарите, цитиран од ТАСС.
Тој изјави дека побарувачката за вакцина и процесот на вакцинација во многу земји укажуваат на нејзината важност и популарност.
Русија е против политизација на вакцините, и покрај фактот што руската вакцина против Ковид-19 понекогаш се соочува со неосновани критики, истакна Песков.
Според портпаролот на Кремљ, руската вакцина против Ковид-19, Спутник V е исклучително ефикасна.
„И покрај тоа, нашата вакцина секој ден се соочува со одредени критики, од кои некои се преправаат дека се објективни, некои дури не се обидуваат да бидат објективни, тоа е едноставно неоснована критика, што се случува секој ден“, истакна Песков.
Тој посочи дека Москва отсекогаш била против политизирање на какви било прашања поврзани со вакцината.