Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, денеска му порача на Киев што поскоро да сфати дека Русија и рускиот претседател Владимир Путин постојат и ќе постојат.
На овој начин Песков реагираше на изјавата на украинскиот претседател Владимир Зеленски, кој за време на обраќањето преку видео врска на Светскиот економски форум во Давос рече дека се сомнева оти рускиот претседател Владимир Путин е жив и дека не е сигурен со кого треба да се водат потенцијални преговори.
„Јасно е дека Русија и Путин се голем проблем за сегашната Украина и Зеленски. И јасно е дека, во чисто психолошка смисла, Зеленски би сакал да нема ниту Русија ниту Путин, но колку побрзо сфати украинскиот режим дека Русија и Путин постојат и ќе постојат, толку подобро за една земја како Украина“, рече Песков, обраќајќи им се на новинарите.