Разговорот меѓу рускиот претседател Владимир Путин и специјалниот пратеник на американскиот претседател за Блискиот Исток, Стив Виткоф е дополнителен чекор кон средбата меѓу лидерите на Русија и САД, но за тоа се уште треба да се направат подготовки, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„На овој или оној начин, се разбира, тоа (состанокот на Путин со Виткоф) ќе биде дополнителен чекор кон оваа средба (меѓу двајцата претседатели)“, изјави тој за телевизијата „Русија 1“, пренесе Интерфакс.
„Овој состанок ќе се одржи. Тоа ќе се случи во соодветно време. Мораме да се подготвиме за тоа“, додаде Песков.
Портпаролот на Кремљ потсети дека Путин и Трамп јавно изразиле политичка волја во врска со потребата од одржување на оваа средба. Путин и Виткоф во петокот во Санкт Петербург разговараа за условите за постигнување мир во Украина, соопшти Кремљ.
Во соопштението се наведува дека средбата меѓу Путин и Виткоф во зградата на претседателската библиотека во Санкт Петербург траела околу 4,5 часа, пренесе РИА Новости.
Белата куќа соопшти дека посетата на Виткоф на Русија е уште еден чекор кон прекин на огнот во Украина што треба да доведе до мировен договор.