Песков: Русија ги отфрла обвинувањата на Украина за нападот на браната Каховка

од Stefanija Kuzmanovska
273 прегледи

Русија денеска остро ги отфрли обвинувањата дека ја разнела браната Каховка на југот на Украина, тврдејќи дека тоа е намерен чин на саботажа од страна на Киев. Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, изјави дека нападот го извршил Киев и дека тој треба да понесе целосна одговорност за последиците.

„Претседателот доби извештаи од министерството за одбрана и други агенции за тоа што се случува околу браната Каховка. Недвосмислено можеме да кажеме дека се работи за намерна саботажа од украинска страна“, нагласи Песков.

Тој посочи дека Киев го извршил нападот поради неуспехот на неговата долгоочекувана контраофанзива, која, како што рече, пропаѓа.

Експлозиите во хидроцентралата Каховка на реката Дњепар во близина на Херсон во јужна Украина предизвикаа поплави денеска, а Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за уништување на браната.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави на Твитер дека уништувањето на браната му „потврдува на целиот свет“ дека руските сили мора да бидат „протерани од секој агол на украинската земја“.

Во меѓувреме, Владимир Леонтиев, челник на Нова Каховка која е под контрола на Русија на источниот брег на реката Дњепар, на Телеграм објави дека во текот на ноќта „нападите на украинските вооружени сили“ го уништиле вентилот, што довело до неконтролирано испуштање вода низводно, пренесува „Анадолија“.

Слични содржини