Москва е целосно решена во врска со транспортната блокада на Калининград, но нема да носи избрзани одлуки, изјави за ТАСС портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– Нема потреба од брзање, но во исто време сме апсолутно одлучни. Ќе помине извесно време додека да донесеме одредени одлуки, изјави Дмитриј Песков.
Според него, Русија е апсолутно во право што се однесува до Калининград.
– Многу сериозно ја анализираме ситуацијата и ќе го изнесеме нашиот став во однос на блокадата на нашите противници, рече Песков и додаде дека, за жал, тие веќе не се партнери, туку противници.
На прашањето дали треба да се очекува каква било одмазда по извештајот на секретарот на Советот за безбедност Николај Патрушев до рускиот претседател Владимир Путин, Песков рече дека ќе биде потребно време да се анализира ситуацијата.
– Верувам дека тоа им треба и на нашите противници, додаде тој.
Песков рече дека Кремљ не ја исклучува можноста Литванија да ги укине ограничувањата за транзит до руската енклава на Балтикот, но се подготвува за најлошото.
– Се надеваме на најдоброто, но се подготвуваме за најлошото, рече Песков.
На 18 јуни, Литванија воведе ограничувања за железничкиот транзит на одредени стоки од Русија до Калининград поради санкциите на ЕУ. Калининград подоцна потврди дека ограничувањата се однесуваат и на товарот со камиони.
Русија вели дека потегот е нелегитимен, бидејќи ги прекршува договорите на кои земјата се обврза при пристапувањето во ЕУ. Вилнус и ЕУ инсистираат само на спроведување на режимот на санкции.
Секретарот на рускиот совет за безбедност, Николај Патрушев, на 21 јуни ја посети областа Калининград. Посетата беше планирана многу однапред, но транспортната блокада беше меѓу прашањата за кои се разговараше на состанокот за национална безбедност на кој присуствуваше.
Според претходните извештаи, Патрушев ќе му поднесе извештај на Путин за исходот од неговата посета.