Тензиите на границата со Украина се превисоки, па Русија инсистира да добие директен одговор на нејзините предлози за безбедносни гаранции, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков во интервју за американската телевизија „Си-Ен-Ен“.
Според него, Москва сака да добие „многу конкретен одговор на нејзините многу конкретни предлози“.
„Имаме преголема тензија на границата. Има преголема тензија во тој дел од Европа“, рече Песков, истакнувајќи дека таквата ситуација е „екстремно опасна за нашиот континент“.
Од таа причина, според портпаролот на Кремљ, Русија чека „директен одговор“ на нејзината загриженост.
Песков посочи дека нема воена ескалација на Русија против Украина.
Тој додаде дека САД не доставиле докази за своите тврдења дека Русија наводно планира ескалација околу Украина.
„Сè уште чекаме докази“, потсети тој.
Водителот на телевизијата изјави дека има „најави“ дека Русија наводно планира „воена ескалација или напад на Украина“ и го праша Песков дали тоа ќе се случи, Песков одговори:
„Гледате дека тоа не се случува. Тоа е првото нешто. Второ, синоќа слушнавме изјава од г-дин Саливан (Американски помошник на претседателот за национална безбедност Џејк Саливан) кој вети дека во рок од 24 часа ќе ги објави доказите за овие обвинувања, ако не се лажам. Сè уште ги чекаме тие докази. Знаете, живееме во свет на лажни обвинувања или лажни вести, свет на лаги. Се додека тоа некако не се докаже со нешто, но со нешто видливо или нешто очигледно, ние ќе продолжиме… да веруваме дека ова се лажни вести и лажни обвинувања“, додаде Песков.