Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Министерството за одбрана на Русија има планови за безбедноста на земјата, имајќи го предвид почетокот на процесот за приклучување на Финска и Шведска во НАТО.
Песков одговараше на новинарско прашање дали Кремљ ја разгледува опцијата за поставување база на НАТО во близина на руската граница и каков ќе биде одговорот на Москва.
– Со тие опции не се занимава Кремљ, туку Министерството за одбрана. Веќе кажавме дека имаат соодветни планови и дека работиме на обезбедување на нашата безбедност – изјави Песков пред новинарите.
Тој потсети дека рускиот претседател Владимир Путин веќе го коментирал приклучувањето на Финска и Шведска во Алијансата.
Претходно генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека е започнат процесот на ратификација на приемот на Шведска и Финска во Алијансата.