Реконструкцијата на мостот кај Башино Село претставува лага која трае веќе пет години.
Состојбата на мостот кај Башино Село е критична. Посебно по обилните дождови, кога низ Вардар пловат големи стебла дрва, што се голема опасност за тенките столбови на мостот. За да се надмине опасноста мостот да се сруши, Општина Велес секој втор ден мора да ангажира и плаќа тешка механизација за да отстрани големи дрва и гранки, заглавени на тенките столбови. Вака одговори градоначалникот Марко Колев на новинарско прашање на МИА, дали има шанса од надлежните од централната власт, да се интервенира со финансиски средства од Владата за најитно реконструирање на мостот, поради сѐ поголемата опасност да падне и направи катастрофа.
Колев изјави дека надлежните од централната власт веќе пет-шест години само ветуваат, но сѐ уште не дале зелено светло, односно средства за конечно да започне реконструкцијата на мостот, кој е главна артерија на Велес и околните населени места и општини.
– Ветувања од централната власт дека мостот ќе се реконструира, имаме веќе пет-шест години. Но, за жал, до ден денеска, немаме никаков одговор. Пред шест месеци наводно се распишал некаков тендер, се проектира, но, до ден денеска, јас немам никаква информација, појасни Колев.
Неговата реконструкција можеби ќе чини еден или два милиона евра, потенцираше Колев, „пари што општината ги нема и потребна е финансиска поддршка од надлежните од централната власт“.
Мостот на Вардар кај Башино Село е изграден во 1971 година.
Според мерењата на стручњаци од Градежниот факултет од Скопје, во август 2018 година, за само еден час, преку мостот поминуваат 39 шлепери, 43 товарни возила и комбиња и 250 лесни автомобили. Посебно тешките возила и шлепери, при поминување, предизвикувале дополнителни вибрации, поради што мостот целиот се тресе и постои опасност да падне. За тоа алармираа стручњаците од Градежниот факултет во Скопје, но, досега ништо не е преземено за негова реконструкција.
Стручњаци по градежништво предлагаа привремени мерки, како ограничување на сообраќајот. Како трајно решение за Велес, поединци предлагаа не само реконструкција на постоечкиот, туку и изградба на нов мост. Со изградба на нов мост, исто така, ќе се растерети сообраќајот на постоечкиот кај Башино Село.