Пет лица загинаа во хеликоптерска несреќа во Италија, а двајца патници се уште се водат како исчезнати, два дена откако леталото исчезна од радарот, објави во саботата Еугенио Џани, гувернер на регионот Тоскана.
Тој на Фејсбук напиша дека хеликоптерот се урнал во планинска област на границата меѓу Тоскана и регионот Емилија Ромања и дека денеска се пронајдени телата на пет лица.
Хеликоптерот полетал од тосканскиот град Лука во четвртокот и се упатил кон северниот италијански град Тревизо.
Тој исчезнал од радарот над ридската и шумска област, каде што налетал во лоши временски услови.
Во хеликоптерот имало седум лица, меѓу кои и четворица турски претприемачи кои работеле за Eczacibasi Consumer Products, подружница на големата турска индустриска групација Eczacibasi.
Тие се враќале од саем одржан во Италија, се вели во соопштението на компанијата.
Според либанската државна новинска агенција NNA, другите двајца патници биле либански државјани.