Преработувачите на овошје и зеленчук предупредуваат дека ги црпат последните резерви, како во обртни средства, така и во залихи.
„На подолг рок неминовно ќе почнат да се книжат загуби и ќе се рефлектира негативно врз можноста за отплата на обврски , што секако ќе доведе до затворање на некои погони и фабрики кои едноставно економски ќе колабираат“, изјави за „Локално“ Виктор Петков- сопственик на компанијата „ВИПРО“, една од најголемите компании за конзервирани производи од овошје и зеленчук.
Основна причина, вели, е војната во Украина, а на неа се надоврзуваат покачувањето на цените на репроматеријалите и суровините, усложнетите царински процедури при увоз, нарушените синџири за снабдување, како и државните забрани за увоз на основни артикли.
Во моментов „висат“ и договорите со купувачите во странство каде се извезува повеќе од 80% од производството. Досега без какви било проблеми тие се правеле обично 90 дена пред почетокот на сезоната, но оваа година поради непознаниците околу цената , тоа е невозможно. Оттука и стравувањето дека тие можат да бидат прекинати.
„Истовремено се можни откажувања и замена со добавувачи од други земји кои имаат поголема макро подршка или едноставно поефтини цени на потребните инпути за производство“, вели Петков.
Она што според него засега останува сигурно е дека во претстојниот период неминовно ќе дојде до драстично покачување на цените кои и сега се зголемени за 30-40%.
Експертите од цела Европа предупредуваат дека населението ќе се соочи не само со енормно поскапување на храната, туку и нејзин недостиг.Како ја коментирате моменталната ситуација во смисла на количини прехрамбени производство, обем на производство и грижа на владата за истотот?
-Очигледно е дека од година во година, се повеќе се зголемуваат спротивностите меѓу регионите и државите на светската политичка сцена, а со тоа и на светскиот пазар. Сето тоа евидентно создава тн инфлациона спирала која има сериозни економски реперкусии, како врз фирмите, така и врз граѓаните-домаќинставата. Ваквата ситуација особено ја нагласи војната во Украина , која евиденстно претставува економски конфликт помеѓу неколку региони во светот. Оттука, предупредувањето на експертите во однос на претстојниот недостиг на храна веќе се потврдува пред нашите очи. Од друга страна,па постојната веќе дефинирана и очигледна енергетската криза сето тоа ќе го зголемува, единствено ни останува прашање до кога ова ќе трае ?! Македонија е исклучително увозно зависна земја и ваквите текови веднаш се прелеваат кај нас. Имаме донекаде „среќа“ бидејќи сме мала држава и релативно малку ни треба за некако да се одржиме, но прашање на време е уште колку ќе можеме.
Од друга страна, и ние самите како групација се соочуваме со проблем, бидејќи иако нашата земја се уште се смета за земјоделска , повеќе увезува отколку што извезува храна.Секако дека овие поскапени производни влезови се одразуваат на самото производство но и на количините. Како дополнителен аспект се наметнува изменетата потрошувачка бидејќи ќе има структурни промени, односно супституција на некои варијации производи со други вараијации слични производи, па дури и откажувања. Овие процеси се премногу сложени за која било Влада и треба да бидат дел од Стратегиска проблематика која не може да се креира, ниту пак да се спроведе преку ноќ. Корекција е можеби можна само со некои итни мерки. Владата постојано воведува разни сетови мерки, но не сум сигурен дека ќе имаат значително влијание имајќи ги предвид расположливите капацитети, нашиот минорен удел во европската и светската економија како и нашата економска поставеност .
Како целата ситуација се одразува на преработувачката, конзервната индустрија? Со какви проблеми се соочувате во делот на снабденост со суровини, транспорт, организиран пазар…?
-Нашата групација чија основна дејност е преработка на зеленчук и овошје трпи удари уште со почетокот на војната во Украина, и тоа пред се поради покачувањето на цените на потребните репроматеријали и суровини чии трошоци за производство се исто така многу зголемени. Дополнителен отежувачки фактор ( со години ) се доста усложнетите царински процедури при увоз. Тука мислам на тегли, енергенси (нафта, струја, плин), растително масло, работна сила итн. Нарушени се и синџирите за снабдување поради новите состојби како во домицијалните земји така и кај на што директно ќе резултира со зголемување на севкупните трошоци , и на крај како капак на сето тоа имаме и државните забрани за увоз на основни артикли ( растително масло, одредени житни култури, шеќер и тн) што уште повеќа ја усложнува и така лошата состојба пошироко…
За колку се зголемени трошоците на стопанствениците во овој вид индустрија? дали книжите загуби и ризик од затворање на погоните?
-Овој процес не започна со војната во Украина, туку уште минатата година кога поскапеа енергенсите и растителните масла .Се зголеми и цената на работната сила, што заедно со претходно наведените фактори имаше големо влијание. Нашите добивки во текот на измината година беа сериозно намалени ( околу 10%), што директно се одразува на нашиот развој бидејќи најчесто правиме рефинансирање на истиот. Состојбата ескалираше со почетокот на војната во Украина ,бидејќи релативно издржливото покачување на цените на репроматеријали , некои суровини (на пример , зелката поскапе за10-30%) се зголемија за неверојатни 100-200% ( претходно наброени ) што е процес на кој се уште не му се гледа крајот . Од друга страна, сите фирми имаат одредени резерви, како во обртни средства, така и во залихи , но на подолг рок неминовно ќе почнат да се книжат загуби, ќе се рефлектира негативно врз можноста за отплата на обврски , што секако ќе доведе до затворање на некои погони и фабрики кои едноставно економски ќе колабираат.
Вообичаено договорите за продажба се потпишуваат пред сезона.дали имате одганизиран пазар,или договорите се раскинуваат? Со кои земји?
-Самото потпишување на договорите кое вообичаено се прави пред сезоната е засега голема енигма за сите компании од нашата дејност . Таа е во моментов нерешлива, па оттука неизвесноста е огромна бидејќи нашето главно производство е есенско , односно го опфаќа периодот после август. Во исто време, веќе имаме проблеми со плаќањата, бидејќи за разлика од претходните години сега набавката на репроматеријали е условена со исплата веднаш што значително ги оптоварува нашите обртни средства ( профитот веќе го нема), па оттука проблемот со покачените цени се мултиплицира.
ВИПРО ( како и останатите членки на нашата групација) вообичаено има континуирани долгододишни купувачи главно во странство бидејќи оваа дејност е извозно ориентирана , односно се извезува повеќе од 80% од производството. Досега без какви било проблеми правевме договори обично 90 дена пред почетокот на сезоната, но оваа година поради непознаниците околу цената , тоа не можеме да го сториме. Така, на овој начин остануваме само со писма со намери кои се полабилни од договорите , но не штитат од понатамошните енормни покачувања на цените на инпутите, односно ќе можеме да ги вклопиме во финалните цени. Сепак, истовремено се можни откажувања и замена со добавувачи од други земји кои имаат поголема макро подршка или едноставно поефтини цени на погоре наведените потребни инпути за производство. Главни купувачи на производите на ВИПРО се фирми од САД, Канада, Англија, Германија, Австрија, Франција, Чешка, Полска, Србија, Косово, Црна Гора, БиХ и тн.Во претстојниот период неминовно ќе дојде до драстично покачување на цените кои и сега се зголемени за 30-40%.
Стравувате ли дека во ситуација кога не се реализираа ветувањата за организиран откуп, кога и договорите со стандардните пазари висат на конец, дека може Македонија да се соочи со скапување на производите по нивите?
–Организираниот откуп и договорното производство ги имаме со години и успешно функционираат , но сеуште постојат чинители кои не се вклучени во тие процеси и се појавуваат на пазарот нудејќи производи на нови купувачи (домашни или странски) во моментот кога се највисоки (или најниски) цените на производите, и тоа по цени повиски/пониски од вообичаените. Дополнително, процесот на намалување на земјоделското производство генерално веќе е започнат, а една од основните причини е намалениот број на млади земјоделци бидејќи младите се отселуваат и заминуваат во странство.
Токму заради ваквите состојби земјоделците се се помалку заинтересирани да работат на земја а храната се увезува од Албанија.
-Процесот на намалување на земјоделското производство генерално веќе е започнат, а една од основните причини е намалениот број на млади земјоделци бидејќи младите се отселуваат и заминуваат во странство.На сето ова се надоврзува и поскапувањето на самото примарно производство (енергенси, ѓубрива, семиња, интерен транспорт, работна рака) , па оттука и очекувањата дека уште повеќе ќе се намалува.
Секако дека Албанија не е виновна. Браво за нив, бидејќи се уште еден показател дека не сме на добар пат , дека многу грешиме и дека додека ние го намалуваме примарното земјоделско производство , кај нив се зголемува.
Што бара од Владата преработувачката индустрија? Како може да се пресретнат надоаѓачките проблеми?
–Сметам дека на овие прашања треба да одговорат само претставниците на Владата. Зошто го велам ова? Во една прилика, еден од претходните министри на сите наши предлози ми одговори дека ние не сме тие кои треба да предлагаат нешто, туку дека тоа треба да го прават само овластени лица на соодветни функции бидејќи наводно нашиот интерес се сведува на личен профит. Секако дека ова воопшто не точно бидејќи ние сме со децении во оваа дејност и заедно со земјоделците сме нејзини основни носители. Но, такви се работите,нашата системска концепираност е погрешно поставена.
Користам прилика да посочам дека не може да има развој на земјоделието само со субвениции бидејќи станува збор за многу комплексна и стратегиска дејност која зависи од десетина параметри ( укрупнето земјиште, наводнување, инфраструктура, форсирање носители на земјоделски газдинства, рурално развивање и население, мапирање на целокупното земјиште, структира на производството, складишта и ладилници, макро следење, поврзаност со науката, меѓународна пазарна и маркетинг подршка, корекција на иницијативите од „доле-нагоре , не од горе- надоле“ итн.) Затоа велам дека субвенциите треба да бидат само стимул, а не главен инструмент.
К.В.С.