Петковиќ по Бриселскиот дијалог: Решението за динарот да се бара на политичко ниво

од Radmila Tasevska
239 прегледи

Директорот на српската владина Канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, по завршувањето на денешните разговори во Брисел со посредство на ЕУ изјави дека тие биле исклучително тешки, оти српската делегација постапила одговорно, аргументирано и одлучно, разјаснувајќи и укажувајќи на катастрофалните последици од еднострана одлука на властите во Приштина за укинување на динарот, јави дописникот на МИА од Белград.

-За време на разговорот со (специјалниот пратеник Мирослав) Лајчак во Брисел дојдовме до истиот став дека е потребно на политичко ниво да се решат едностраните одлуки на Приштина, бидејќи луѓето од експертско ниво не можат ништо да решат. Ние сме во Брисел за да дојдеме до решение и да ги отстраниме спорните делови од регулативата на т.н. Централна банка на Косово (ЦБК), за Банката на поштанската штедилница остане да функционира во Косово и Метохија, рече Петковиќ.

Како што додаде, српската делегацијата што ја предводел била составена од претставници на Министерството за финансии и на Поштенската штедилница.

-Средбата покажа дека одлуката на таканаречената ЦБК подразбира решение на политичко ниво. Затоа бев тука, а не и (косовскиот главен преговарач Бесник) Бислими. Последиците од таквата одлука се политички. Точно е дека за динарот никогаш не се разговарало во дијалогот, но со оглед на тоа што одлуката на таканаречената ЦБК директно ги засега Србите, секако дека за нив ќе се разговара во Брисел, рече Петковиќ.

Според него, важно е да се покаже целосна решителност, поради што српската делегација дошла во полн состав и укажа на погубните последици од одлуката за динарот.

Ахмет Исмаили, гувернерот на Централната банка на Косово, пред новинарите потврди дека на европскиот посредник и колегите од Србија им ги претставил сите опции како Србија може да ги трансферира финансиските средства.

-Ние аргументиравме дека има начини за трансфер на финансиски средства. Понудивме технички решенија за кои не е неопходно да се менуваат регулативите. Сметаме дека има начини на кои граѓаните од српска националност можат да добијат помош од Србија, доколку Србија одлучи да изврши трансфер. Ние ја исполнивме нашата обврска во однос на соработката со меѓународниот фактор и покажувавме дека нема ограничувања и пречки поради уредбата на ЦБК, рече гувернерот Исмаили на крајот од средбата во Брисел.

Слични содржини