Поранешниот претседател на НСДП и поранешен претседател на Собранието, Тито Петковски вели дека спикерот не може да се стави над Собранието и не може да го толкува Уставот, но смее да го толкува Деловникот на Собранието.
-Јас би постапил најкоректно и ставање на работите во баланс во однос на една таква одлука за иницијатива на референдум. Претседателот мора да внимава на законитост и уставност. Јас би побарал помош од комисиите и тие де фактор му помагаат на претседателот на Собранието во формирање заклучоци и предлог-одлуки. Во конкретниов случај инсистирам дебата и оцена за тоа дали е коректна иницијативата и дали е во склад со Деловникот. Собранието одлучува и во основа на сугестии од комисиите. Во случајов, оние што се надлежни комисии би дале свое мислење и би му се олеснила работата на спикерот. Тежиштето на одлуката би ја префрлил на седницата на Собранието, рече Петковски за отфрлањето на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за собирање потписи за задолжителен референдум за укинување на Договорот со Бугарија.
Според него, и после толку изборни циклуси, граѓаните не го доживуваат Собранието како центар на политичката демократија.
-Собранието одамна изгуби моќ да биде место каде се носат главни одлуки. Кај нас имате состојба Собранието да е на маргините. Центар на политичката моќ се СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, а не Собранието. Колку е потценета функцијата на Собранието гледате по тоа што лидерот на опозицијата не е пратеник. Не бил на избори, според мене тоа е делигитимација на Собранието, потенцира Петковски во вестите на Тв Сител.
Петковски порачува дека ако се гледа од аспект на потребата на развој на демократија, референдумот не може да се негира.
-Но во конкретниот случај кога се работи за прашање од суштествено значење за државата… Македонија има шанси да ги почне преговорите. САД упати апел до Европа да си ги присобере сите држави на нејзина територија. Не може една Украина да ги почне преговорите, а Македонија да чека 31 година. За референдумот мислам е промашен тајмингот и прашањето не е соодветно. Видот на прашањето не соодветствува со македонските државни интереси. Што се однесува до Уставот, Македонија треба да го отвори и да го започне процесот, за внесување на бугарското малцинство. Со тоа Бугарија прифаќа дека овде граѓани со македонско чувство, така Бугарите ќе бидат тука малцинство. Тоа е голем историски чекор, дециден е Петковски.