Затворањето на Шангај се должи на влошената епидемиолошка состојба во Кина. Ние во моментов имаме сосема поинаква состојба и паралели не можат да се прават. Не се очекува брзо влошување на состојбата и нова криза во Македонија, вели во разговор за „Локално“, директор на Институтот за имунологија и претседател на Комисијата за заразни болести, проф. д-р Александар Петличковски.
Петличковски информира дека моменталната епидемиолошка состојба кај нас е многу добра.
– Веќе 7 недели континуирано се намалуваат сите важни бројки, како новоинфицирани, хоспитализирани, тешко болни и смртни исходи и очекуваме ваква состојба да потрае барем до есен. Верувам дека наскоро ќе биде безбедно да се укинат сертификатите, вели д-р Петличковски.
Според докторот, наглото укинување на мерките може да ја влоши епидемиолошката состојба, поради што, кај нас се планира постепено олабавување на мерките.
– Ковид бележи пораст претежно во земјите кои спроведуваа строги рестриктивни мерки, а пред неколку недели нагло одлучија да ги релаксираат сите ограничувања. Кај нас и во земјите каде не се применуваа многу строги епидемиолошки мерки (земјите од соседството, Скандинавските земји, САД), состојбата е различна. Веројатно, нагло и целосно укинување на мерките кои се на сила кај нас може благо да ја влоши состојбата, па затоа ние планираме постепено олабавување, појаснува докторот.
Моменталната епидемиолошка состојба во Македонија и особено состојбата во училиштата, според Петличковски дозволува маските во училиштата да не бидат задолжителни.
– Во протоколите за одржување настава остануваат препораките за дистанцирање, добра лична хигиена, проветрување на училниците. Доколку овие мерки се комбинираат со вакцинација, ќе се постигне максимална можна заштита на децата во училиштата, вели претседателот на КЗБ.
Докторот потенцира дека во моментов делтакрон не претставува некој посебен ризик.
– Овој сој сеуште не е откриен кај нас и не знаеме дали воопшто ќе се појави, но и таму каде што е откриен се чини дека тој нема капацитет да го истисне сојот Омикрон, кој останува доминантен секаде каде што се појавил, вели д-р Петличковски.
Докторот информира дека трката по нови вакцини и нови лекови постојано трае.
– Во моментов се испитуваат вакцини специфични за Омикрон сојот, како и комбинирани вакцини истовремено ефикасни и за оригиналниот и за Омикрон, вели Петличковски.
Иако сега е воведен караванот за вакцинација интересот за истата не е на задоволително ниво, а докторот смета дека причините за тоа се: недовербата во здравствениот систем, во недоволната информираност на населението и во многу лесното прифаќање на непроверени, најчесто лажни приказни за штетата која вакцините ја предизвикуваат.
– Единствен начин за поттикнување на населението да ги прифати вакцините е агресивно да се објаснуваат ефикасноста, безбедноста и придобивките од нив. Сите луѓе треба да сфатат дека, доколку имавме опфат со вакцини од околу 90%, ќе имавме најмалку 3000 помалку починати од КОВИД. Овој клучен факт мора да допре до сите граѓани, додава д-р Петличковски.
M.A.