Петнаесетгодишниот син на Кадиров стана шеф на обезбедувањето на својот татко

од Stefanija Kuzmanovska
211 прегледи

Адам Кадиров, 15-годишниот син на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, кој оваа година беше снимен како тепа затвореник во притвор, е назначен на највисоката позиција меѓу телохранителите на неговиот татко.

Еден од највисоките безбедносни функционери на Кадиров, Замид Чалаев, рече дека Адам е назначен за шеф на одделот за безбедност на чеченскиот лидер.

Сојузниците на чеченскиот лидер го пофалија Адам Кадиров, кој овој месец ќе наполни 16 години, за неговата храброст и му честитаа на назначувањето.

Во септември, помладиот Кадиров наиде на осуда од светот откако неговиот татко објави видео на социјалните мрежи на кое се гледа како Адам удира со тупаници и клоца затвореник обвинет за палење на Куранот.

Рамзан Кадиров, сојузник на Путин, тогаш изјави дека е горд на својот син и дека го почитува Адам затоа што се здобил со „возрасни идеали за чест, достоинство и одбрана на својата вера“.

РИА пред два дена објави дека Адам Кадиров во октомври ја добил титулата Херој на Чеченија. Прес-службата на Рамзан Кадиров не одговорила на барањето на „Ројтерс“ за коментар.

Слични содржини