Петрески: Покачувањето на минималната плата ќе има ефект само ако им се застане на патот на работодавачите, кои ќе изнаоѓаат начини тоа да го заобиколат

од Vladimir Zorba
958 прегледи

За професорот Марјан Петрески најавеното покачување на минималната плата  на 18.000 денари е реално и очекувано.

Отворено изразувајќи сомнеж  дека дел од работодавачите ќе се обидат да ја „разводнат“  целта, Петрески  во интервју за „Локално“  повикува на внимателност од страна на Владата  која според него целиот процес треба да го поддржи со зголемен капацитет на инспекциските служби.

„Околу 17% од работниците во земјата се неформални, односно без писмен договор за вработување, додека на терен многу добро се познати праксите на плаќање т.н. „плата во плико“, како и барања дел од исплатената плата да се врати во готовина“, потсетува Петрески.

Грижата за сиромашните според него треба да биде и една од основните точки на дејствување на новата влада.

Клучно е во 2022 г., со формирањето на новата влада, да се преоцени потребата за дополнителна заштита на ранлите слоеви од енергетска сиромаштија, како евентуално зголемување на износот на енергетскиот додаток и проширување на неговиот опфат“, вели Петрески.

Не очекува негативни ефекти кои допрва би дошле за наплата поради актуелните политички превирања.

„Мислам дека тоа е една моментална импресија, одредена и од фактот што премиерот се повлече од централната власт поради неуспех на локални избори. Јас генерално, не сум приврзаник на тезата дека со чести избори или евентуално со некохабитација централна-локална власт, економијата се закочува“, дециден е Петрески.

Нема дилема дека задолжувањата во пандемијата беа оправдани, но како едно од клучните прашања ги посочува сервисирањата. Оттука, според него, во 2022  година ќе ни биде неопходна паметна фискална консолидација, која нема да ја повлече поддршката на економијата, меѓутоа ќе ги елиминира непродуктивни трошења, ќе цели да реализира квалитетни капитални проекти и ќе ја јакне даночната база преку недвосмислена борба со сивата економија.

Кои се предизвиците за македонската економија во 2022 г. од аспект на стопанствениците и на граѓаните?

-Низ 2021 и особено низ втората половина, економијата поминува низ фаза на закрепнување од пандемијата, меѓутоа закрепнувањето оди побавно од очекуваното, поради забавувањето на имунизацијата и продолжениот ефект од новите соеви на вирусот. Така што тоа како ефект врз економијата, ќе преовладува најмалку во првата половина од 2022 година. Освен овие пандемиски ефекти, тековно, најважниот проблем со кој се соочуваат фирмите и граѓаните се растечките цени на енергенсите на светските берзи, што како ефект се префрла и кај нас, и директно, затоа што не произведуваме доволно електрична енергија и кусоците мора да ги набавуваме по високи берзански цени, но и индиректно, поради зголемените трошоци за производство на електрична енергија во домашните капацитети. Фирмите веќе го почувствуваа енергетскиот шок, бидејќи веќе купуваат електрична енергија по многу повисоки цени споредено со пред 6 или 9 месеци.

За граѓаните, како што е веќе во најава, цената на електричната струја, која е се’уште регулирана цена, ќе има пораст во новата година, и тоа ќе биде оптоварување за семејниот буџет. Меѓутоа, тоа е една нова реалност, која не е поволна, но со која ќе треба да се справуваме. Добрата вест е што се очекува со стабилизацијата на производството на струја на европскиот континент во првата половина на 2022 година, да се стабилизира и цената, но неповолната вест е што не се очекува дека цената ќе намали, што значи дека стабилизацијата би настанала околу повисокото ниво. Клучно е во 2022, со формирањето на новата влада, да се преоцени потребата за дополнителна заштита на ранлите слоеви од енергетска сиромаштија, како евентуално зголемување на износот на енергетскиот додаток и проширување на неговиот опфат.

Според проекциите на поголемиот број економисти претстојната година ќе биде исклучително тешка на сите полиња.Што треба да се стори за да се помогне закрепнувањето на економијата?

-Не би се согласил дека претстојната 2022 ќе биде исклучително тешка, меѓутоа не очекувам дека ќе биде нешто особено подобра од 2021. Моментално има два клучни фактора кои го обликуваат закрепнувањето: се’уште отежнатите синџири на снабдување и состојбите со енергијата. Во неколку индустрии, од кои дел се релевантни за нас затоа што таков тип индустрии имаме во слободните зони, синџирите на снабдување се се’уште со одредени тесни грла, иако притисоците во декември почнаа благо да попуштаат. Тоа создаде дисбаланси меѓу зголемената побарувачка – предизвикана од зголеменото трошење на фирмите и граѓаните со олабавувањето на стегите од пандемијата, и прекинатата или отежнатата понуда. Очекувањата беа дека овие дисбаланси брзо ќе се корегираат, но тоа не се случи, така што ќе бидат присутни и во дел од 2022. Во однос на енергетската криза на европското тло, останува да се види како ќе тече производството од обновливите извори, што е одредено од временските услови, а тоа ќе влијае на цената.

Но, со вака-зададени околности, сепак можеме нешто да сториме на домашен план, за да го помогнеме закрепнувањето. Тоа во голема мера ќе зависи од тоа каков буст ќе биде спремна да даде новата влада во делот на отстранување на структурните пречки на растот и реализацијата на капиталните инвестиции. Мислам дека на крајот, дали ќе имаме раст од 4% – сегашниот, или од над 5% зависи доминантно од овие две работи, а нивното извршување зависи од способноста на министрите, значи од персоналните решенија и адекватноста на нивните профили за областа во која се поставени да раководат.

Дали ќе ни дојдат на наплата актуелните политички превирања? Се соочуваме и со ретка ситуација во која речиси сета локална власт е во рацете на опозицијата,а централната е кај позицијата.

-Не очекувам. Мислам дека тоа е една моментална импресија, одредена и од фактот што премиерот се повлече од централната власт поради неуспех на локални избори. Јас, генерално, не сум приврзаник на тезата дека со чести избори, или евентуално со некохабитација централна-локална власт, економијата се закочува. Можеби се закочува за фирми кои за свој клиент ја имаат владата или општината, но оние кои работат, да речеме, за извоз, или кои произведуваат квалитетни производи, тоа не би требало да е релевантно прашање. Во крајна линија, тоа е суштината на демократијата, избор на властите на одреден период, со веројатно преклопување на мандатите на избраниците од различни политички партии на ниво на претседател, влада, општини. Само треба да размислуваме на начин на кој својата фирма нема да ја подведуваме да зависи од политичкиот циклус.

Премиерот, сега веќе во оставка, најави повисока минимална плата на 18.000 денари, а синдикатите тоа и отворено го бараат. Реално ли е ова да се случи?

-Да, реално е да се случи пораст на минималната плата. Од последното усогласување во март 2021, имаме пораст на просечната плата околу 6%, растот на БДП ќе биде околу 4% во 2021, имаме пораст и кај цените, значи работниците треба, во најмала рака, да се компензираат за овие придвижувања во економијата. Прашањето е дали било кое покачување на минималната плата е возможно, односно ќе даде позитивен ефект. За работниците секако ќе даде, но под претпоставка дека работодавците нема да изнаоѓаат начини тоа да го заобиколат. Често се фокусираме само на ефектот од порастот на минималната плата врз формалната економија, и таму нема дилема дека порастот, дури и на 18.000 денари, веројатно нема да доведе до зголемување на невработеноста. Меѓутоа, околу 17% од работниците во земјата се неформални, односно без писмен договор за вработување, додека на терен многу добро се познати праксите на плаќање т.н. „плата во плико“, како и барања дел од исплатената плата да се врати во готовина.

Оттука, неопходни се внимателни чекори за да не се предизвика деформализација на вработувањата и исплатите на некој од овие начини. Исто така, да не заборавиме дека претходното зголемување на минималната плата од 12.500 на 14.500 денари беше поддржано со владина субвенција на социјалните придонеси, така што тоа беше и издржливо и придонесе кон намалување на феноменот „плата во плико“, но таа субвенција во маса е втора по големина во буџетот, по земјоделските субвенции. Значи, да заклучам: да, потребно е зголемување на минималната плата, за кое ако социјалните партнери се согласат да биде 18.000 денари, треба да биде поддржано со зголемен капацитет на инспекциските служби, за да се осигура квалитетна имплементација на терен.

Се погласни се предупредувањата за раст на задолжувањето и нови барања за субвенции и мерки за помош?.Колку е реална опцијата за надминување на  овие состојби?

-Јавниот долг порасна сред криза, за околу една милјарда евра, меѓутоа изборот беше да се задолжиме или да ги оставиме фирмите да пропаднат, а работниците на улица. Оттука, немам дилема дали тоа задолжување било оправдано. Поклучно прашање е сервисирањето на тој долг, во услови кога ние не можеме да сметаме на силно фискално затегнување, бидејќи фискална поддршка на економијата и’ е се’уште потребна. Моментално, условите на финансирање глобално се поволни, цената на задолжувањето е особено ниска и тоа оди во прилог на нашата ситуација. Но, тоа може и да се смени, доколку ценовните притисоци се прелеат на среден рок, па централните банки ширум светот ќе мораат да го повлекуваат монетарниот стимул, со што би се затегнале финансиските услови. Затоа, неопходна ни е паметна фискална консолидација, која нема да ја повлече поддршката на економијата, меѓутоа ќе елиминира непродуктивни трошења, ќе цели да реализира квалитетни капитални проекти, и ќе ја јакне даночната база преку недвосмислена борба со сивата економија.

Се чини дека сите надежи ги ставивме на една карта-ЕУ.Дали сте оптимист во однос на придвижување на работите во оваа насока?

-Јас ќе бев посреќен ако заедно со ставањето на надежите на ЕУ картата, паралелно интензивно работевме на забрзување и подигање на квалитетот на структурните реформи. Прогресот таму е недоволен, на многу фронтови имаме основа да сме незадоволни. Но, кај некои структурни слабости постојат позитивни поместувања, дел од нив потпомогнати и од самата ЕУ преку претпристапните фондови. Меѓутоа, почетокот на преговорите ни е потребен за да влее нова надеж кај нашиот народ, а ние економистите добро знаеме дека очекувањата и надежите се важен инпут во формулата за економскиот раст.

К.В.С.

Слични содржини