Петрески: Субвенционираната електрична енергија треба да даде пониска инфлација веќе во декември

од Stefanija Kuzmanovska
933 прегледи

Пресметките на Институтот за економски истражувања „Finance think“ говорат дека буџетските приходи во 2023 г. нема да бидат загрозени иако се проектирани високо. Дури и ако се земат предвид најавените даночни измени со кои се очекуват дополнителни 70 милиони евра во буџетот, даночната реформа според нив е само капка во морето. Ако се сузбие сивата економија, во буџетот годишно ќе се слеваат дополнителни 700 милиони евра, значи 10 пати повеќе.

Оттука, ако големиот проектиран раст на буџетските приходи имплицира засилена и бескомпромисна борба со сивата економија, тогаш тоа би било за поздравување и ќе значи позитивно скршнување од досегашната патека на која на планот на сивата економија немаше напредок, вели во интервју за „Локално“, Благица Петрески главен економист на Finance Think.

Во делот на расходите Петрески нема дилема дека нивната структура и раст крие опасности особено во инфлаторно опкружување и во ситуација да не се остварат планираните приходи.

Како илустрација ги посочува субвенциите, државната помош и трансферите кои како што вели, бараат преиспитување на нивната ефикасност и ефективност.

-Ние како држава, по 15 години трошење по просечни 100-тина милиони евра годишно за субвенционирање на земјоделието, сега заклучуваме дека тоа не дава ефикасно производство и не може во доволна мера да нé „спаси“ од ризиците што го носи оваа криза со цените на примарните прехранбени производи. И дури сега започнуваме да зборуваме дека таму се потребни реформи. Има и други бројни примери од сличен калибар кај субвенциите кои се доделуваат на фирми, кадешто наше ригорозно истражување покажа дека не даваат скоро никаков ефект, децидна е таа.

Коментирајќи ги предвидените 250 милиони евра за антикризни мерки, клучно прашање за Петрески не е дали тие ќе бидат доволни туку дали се добро насочени и дали ќе се реализираат во бараниот обем. Многу појасна, но пред се успешна слика препознава во одлуката да се субвенционира струјата за прехрамбената индустрија, а која според неа треба да даде позитивен ефект врз пониската инфлација веќе во декември.

Завршува амандманската расправа по предлог буџетот за 2023 г. Изразивте мислење дека е преоптимистички во делот на очекуваниот екномски раст од 2,9% и инфлација од 7,1%. Какви се вашите проекции, колку понизок ќе биде растот следната година и дали трошоците за живот сепак ќе останат во двоцифрената зона?

-Во нашиот Макро-монитор којшто беше објавен во петокот, врз база на моделски пресметки излеговме со проекција за БДП за 2023 од 2.4% и проекција за инфлација од 8.9%. Двете бројки се под значајни ризици. Проекцијата за БДП е под надолен ризик, односно според моменталните информации веројатноста да се оствари пониска стапка од оваа е поголема, споредено со веројатноста да се оствари повисока стапка. Кај инфлацијата, неизвесноста е во двете насоки, бидејќи движењата и изворите на притисоците се тешко предвидливи, особено случувањата на геополитички план. Меѓутоа, моментално, предвидувањата укажуваат дека дел од ценовниот притисок ќе стивне, што ја намалува веројатноста за двоцифрена инфлација во 2023.

На глобален план, имаме веќе пад кај цените на примарните прехранбени производи кој со одредено задоцнување ќе се преслика и врз домашните малопродажни цени, а се очекува дека и кај цените на енергентите во текот на 2023 ќе видиме одредено стабилизирање и намалување. Секако важно е какви потези ќе преземаме и на домашен план. Субвенционирањето на струјата за прехранбената индустрија треба да даде позитивен ефект врз пониска инфлациска стапка веќе во декември, а исто така монетарната политика која е на линија на затегнување од април годинава ќе го изврши своето влијание.

Кој според Вас ќе го „билда“ растот догодина кога во сите суштински гранки од стопанството се регистрира пад на активностите?

-Во податоците за БДП од третиот квартал годинава веќе е видлив ударот на енергетската и инфлациската криза, бидејќи испорачаната стапка на раст од 2% е пониска од таа што ќе се оствареше без кризата. Ударот е видлив најмногу кај индустријата, и особено преработувачката индустрија, но потекнува од намалувањето и запирањето на производството кај одредени гранки поради неразумно високите цени на енергентите. Рудниците се еклатантен пример, тие запреа со производство бидејќи пресметале дека загубите на таков начин за нив се помали споредено со доколку продолжеле со работа при високи цени на енергентите што влегуваат во нивниот производствен процес.

Податоците за БДП не упатуваат дека нашата надворешна трговија во моментов е особено засегната, и покрај тоа што растот особено во европските економии кои се наши главни трговски партнери, исто така забави во третиот квартал. Значи, со материјализација на ваквото забавување врз трговијата, за кое е тешко да се предвиди кога и со колкав интензитет ќе се случи, индустријата ќе биде под дополнителен удар, посебно капацитетите во ТИРЗ-овите, кои вработуваат значаен контингент од нашата работна сила.

Од друга страна, услугите во третиот квартал исто така стојат релативно добро, посебно солиден е растот кај трговијата, транспортот и хотелите кои беа под силен удар на пандемијата, меѓутоа ризикот таму произлегува од опаѓачката куповна моќ на населението, имајќи предвид дека растечките цени притискатаат врз буџетите на домаќинствата. И тој ефект ќе го видиме во следните квартали, што сéвкупно одговара на вашето прашање зошто ние сме повеќе песимисти од владата во поглед на проекцијата за растот во 2023.

Колку се реални очекувањата на Владата дека со овој предлог буџет ќе се обезбеди сигурност и стабилност за реализација на економските активности следната година?

-Добро, ние сепак не зборуваме дека ќе искусиме некаков драматичен пад на економската активност, што ќе оневозможи државата да ги извршува своите основни функции. Напротив, она што моментално го проектираме се сé уште позитивни стапки на раст на економијата во 2023 година, пониски од потенцијалот поради кризните околности, но сепак позитивни. Заедно со очекуваната стапка на инфлација, тоа имплицира дека стабилноста на буџетските приходи за следната година не е загрозена и, оттука, стабилноста особено на социјалната функција на државата да исплаќа пензии и социјални помошти, финансирањето на виталните системи на државата итн. не се во опасност.

Читајќи ги проценките за буџетските приходи, треба ли и во овој дел да се има доза на сомнеж? Од што ќе зависи дали тие ќе се реализираат во очекуваниот обем и имајќи ја предвид редуцираната даночна реформа која почнува од 1 јануари?

-Во услов на растечки цени, дури и БДП да забележи пад, буџетските приходи ќе пораснат како резултат на номиналниот ефект. Тоа објаснува и зошто во 2022 година има значаен раст на буџетските приходи и зошто ќе имаме релативно висок раст во 2023 година. Меѓутоа, нашата пресметка говори дека сепак буџетските приходи се проектирани високо, дури и откако ќе се земат предвид најавените даночни измени. Во тој проектиран раст на буџетските приходи, даночната реформа е капка во морето, без оглед што е редуцирана. За споредба, со даночните измени Министерството за финансии објави дека очекува додатни 70 милиони евра. Пресметките на Finance Think говорат дека ако се сузбие сивата економија, во буџетот годишно ќе се слеваат дополнителни 700 милиони евра, значи 10 пати повеќе. Оттука, ако големиот проектиран раст на буџетските приходи имплицира засилена и бескомпромисна борба со сивата економија, тогаш тоа би било за поздравување и ќе значи позитивно скршнување од досегашната патека на која на планот на сивата економија немаше напредок.

Наспроти ова и покрај апелите на експертската јавност за рационализација на непродуктивните трошоци, многу високо(12,6%) се проектирани буџетските расходи. Од првиот квартал следната година се најавува раст од 5 % за плати и пензии ( нов раст на минималната плата), раст на трошоците за стоки и услуги, и раст на ставката други трансфери од 11,5 %. Каков ризик носи сето ова?

-Растот и структурата на расходите крие свои опасности, особено во инфлаторно окружување и во ситуација буџетските приходи да не се остварат според планираното. Коректно нагласувате во вашето прашање ставки од расходите кои кријат непознаници. Да илустрирам со ставката субвенции и трансфери, која има висок раст дури и откако ќе се исклучат трансферите кон општините, кадешто притисокот произлезе од нивните зголемени трошоци за струја за јавно осветлување и во објектите на институциите под нивна надлежност. Но, остатокот ги вклучува, на пример, сите типови субвенции и државна помош, кои бараат преиспитување на нивната ефикасност и ефективност. Ние како држава, по 15 години трошење по просечни 100-тина милиони евра годишно за субвенционирање на земјоделието, сега заклучуваме дека тоа не дава ефикасно производство и не може во доволна мера да нé„спаси“ од ризиците што го носи оваа криза со цените на примарните прехранбени производи. И дури сега започнуваме да зборуваме дека таму се потребни реформи. Има и други бројни примери од сличен калибар кај субвенциите кои се доделуваат на фирми, кадешто наше ригорозно истражување покажа дека не даваат скоро никаков ефект.

-Во поглед на растот на платите и пензиите, нормално е во услови на растечки цени да се покаже грижа за нивните приматели да го задржат животниот стандард, односно нивните примања да растат согласно растот на трошоците на живот. Кај минималната плата, ситуацијата е поспецифична, бидејќи таму имаше голем раст од 20% во април годинава и се предвиде таа да се корегира годишно според растот на просечната плата или да биде најмалку 57% од просечната плата. Во ексел, тоа се нарекува кружна врска (circular reference), бидејќи минималните плати се дел од формулата на просечната плата. Дополнително, планот за понатамошно субвенционирање на минималната плата не е јасен, додека трошокот кој ќе падне на товар на централниот буџет не е доволно транспарентен во предлог буџетот за 2023. Според нашите истражувања, иако растот на цените сега е над 80% движен од глобалните фактори, постои еден мал но не и занемарлив дел кој може да се припише на порастот на минималната плата, што сметам дека додаде на релативно високиот раст на личната потрошувачка во третиот квартал. Севкупно, ова крие еден ризик кој ќе бара соодветно менаџирање во следниот период од страна на владата.

И во овој буџет се проектираат високи капитални инвестиции( раст од речиси 50%) или 800 мил.евра. Дали ова треба да биде ставка за фалење или согласно досегашната пракса, и следната година прва ќе страда во ребалансите на државната каса?

-На оваа тема, не би елаборирала екстензивно. Одговорот е содржан во вашето прашање. Капацитетот за реализација на капиталните инвестиции го проценивме на околу 450 милиони евра годишно, и тоа така ќе биде и претстојнава година. Можеби тоа објаснува и зошто буџетските приходи се проектирани релативно високо; при првиот ребаланс, тие ќе се скратат, а на расходната страна прилагодувањето вообичаено ќе настане преку капиталните расходи. Генерално, капацитетот за спроведување е определен од капацитетот на институциите кои се најистурени во однос на реализацијата на капиталните расходи и зголемувањето на таквиот капацитет бара време и посветеност. Не е ништо страшно ако таквото ограничување се признае и ако се напуштат овие „екскурзии“ со проектирање високи капитални расходи па нивно кратење. Новиот Закон за буџети има вградени алатки за подобрување на фискалната дисциплина, првенствено преку среднорочно буџетско планирање и интегрираниот информациски систем за управување со јавните финансии, кои имаат потенцијал да го зајакнат извршувањето на буџетот особено во делот на капиталните расходи, но нека започне имплементацијата па ќе ги оценуваме првите ефекти.

Во однос на антикризните мерки во буџетот се обезбедени 250 мил.евра. Дали ќе бидат доволни за справување со економската и енергетската криза?

-Клучното прашање во делот на антикризните мерки не е дали тие средства ќе бидат доволни, туку дали се добро насочени и дали ќе се реализираат во предвидениот обем. Износ од 250 милиони евра, со предвидената динамика на економијата за 2023 не е мал. Меѓутоа, во антикризните мерки сé уште доминира линеарната компонента, односно според нашите проценки, таргетираните мерки се само околу 30 милиони евра, не сметајќи ја субвенцијата на струја за прехранбената индустрија. Неопходно е линеарната компонента постепено да се намали и напушти, а фокусот целосно да се сврти кон помош на домаќинства, фирми и индустрии кои се најпогодени од кризата. Треба да се напушти дебатата дека така ќе се субвенционирале и профитабилни фирми, бидејќи ако е така, помошта може да се услови со профитот од следните три или пет години, меѓутоа ќе се помогне во клучен момент на фирми чие (времено) затварање или намалување на обем на работа може да предизвика притисок на пазарот на трудот и на економијата во целина.

К.В.С.

Слични содржини