Јунската стапка на инфлација од 14,5 % за Благица Петрески од Институтот за економски анлизи „Financethinк“ е очекувана и предвидлива. Причините за раст главно на цените на храната и енергенсите ги лоцира во глобалните случувања со конфликтот во Украина и во фактот што во домашната економија престанаа да важат даночните ослободувања и антиркизните мерки.
Позитивно е што владата прифати да премине кон таргетирани мерки, само кон најзасегнатите категории граѓани и компании. Тоа е особено значајно од аспект на фискалниот капацитет со кој се располага. Но, од друга страна, сите мерки прекинаа одеднаш, и во моментот иако има најава за таргетирани мерки сеуште нема конкретен дизајн а ниту имплементација, со што настана јаз, објаснува за „Локално“, Петрески.
Иако е тешко вели, да се прогнозира во однос на идните случувања, Петрески очекува висока инфлацијата и за овој месец, а смирување на растот на цените од следната година.
„Согласно моменталните состојби и информации, очекувањата се дека и во месец јули ќе имаме релативно висока стапка на инфлација, заради порастот на цената на струјата за домаќинствата. Од месец август би очекувала да има намалување на овие притисоци, и одредена стабилизација заради повисоката споредбена основа од лани. Со информациите кои се сега на располагање, позначајно смирување на порастот на цените би требало да се очекува следната година“, децидна е Петрески.
Статистика измери рекордна стапка на инфлацијата од 14,5 % во споредба со ланскиот јуни.Најголемо е поскапувањето кај маслото од над 50%, кај лебот 30%, 20% се зголемила цената на млекото, сирењето и јајцата а месото поскапело за 18,4 %.
Пресметките на ССМ покажаа дека минималната потрошувачка кошница за една година се зголемила за 5.500 денари, што значи дека на едно просечно семејство месечно му се потребни 40.000 денари за да ги задоволи основните потреби.
К.В.С.